ХРОНИСТЕРИК, ТРИБУН, КЛОВН, 3

Антиупатства за лична употреба

3. Кловн
Тука именувањето ми е најпроблематично. Кловнот се врзува за циркусот, засмејува, но и замислува, за потоа филмските магови како Чаплин, Тати, Вуди Ален, Бенињи… преку ликови со кловновски карактеристики и кловновски однос кон светот да ја пренесуваат, на милиони гледачи, нивната радосна возбуда и човечка отпорност.
Сепак, иако понекогаш заличува во однесувањето, кловнот не смее да се меша со дворскиот шут или со шегобиецот. Дворскиот шут има свој владетел, господар, и обврзан е, покрај сите смелости, на послушност. Шегобиецот, пак, својот шарм го троши без напор и со главна цел да го засмее друштвото. Кловнот има поголеми амбиции за сопствениот успех, особено ако е во писателската фела.

Кловнот-писател ќе учи да се мимикрира и затоа понекогаш ќе мора да истрпи да го сметаат за несериозен, недозреан, фолирант, да го озборуваат и да му се потсмеваат.
Кловнот нема да биде достоинствен, чествуван и славен како трибунот, ниту поддржуван, лајкуван и платен (повремено, во зависност од тоа кој ја држи власта) од хронистерикот, а веројатно, со своето непостојано место во националната книжевна пирамида, ќе биде подложен на променливи расположенија и несигурности. Жанровски, тоа може да значи дека ќе биде склон кон хибридизација и експериментирање во ракописот и во зависност на својот талент, пред своето време. Ако кловнот е талентиран писател, тој, спонтано, ќе умее и кога пишува за тешки, тажни искуства да посее трошки хумор низ своето дело.

Пред триесет и пет години се обидов, во прозната минијатура „Комедијант“, да го охрабрам кловнот во себе.

Го навлече кловновското лице и појде по светот.
Тираните го сметаат за шут. Сепак, и на најжестоките им ја враќа одамна невидената насмевка.

Срамежливите ќе заиграат со него, па иако сето тоа им се чини будалесто, отпосле не чувствуваат никаков срам.

Разбушавен, безгрижен, ги охрабрува страшливците по правливите меани да го навредат. Додека му се смеат, зачудени од каде им е толкав кикот, тој веќе ита кон идниот град.

Понекогаш, ноќта ќе го фати на патот. Таму, меѓу тревките и ѕвездите, ја свлекува маската. Бавно, како вљубеник, минува со дланката по своето лице.
Да не се заборави.

И денес овој текст ми се чини како искрена, наивна исповед на млад човек, но веќе настрадан во закачките со политиката, кој сака понатаму да се обезбеди од посериозни последици.

Но сега знам дека патот на кловнот-писател е значително поисцрпувачки. Ја нема силината на полемичкиот нагон и еретичност каква што поседува хронистерикот. Ги нема монолитноста и класичната умност на трибунот. За разлика од сите нијансирања кај трибунот и хронистерикот, поттиповите кај кловнот поседуваат поширока палета, од џокерот до забавувачот (комедијантот), кои меѓусебно понекогаш можат и да не се препознаат. А поразениот писател кловн се претвора во театрален маргиналец што го изгубил компасот.

Како ќе биде прифатен секој од овие три типа писатели што не ја поддржува или отворено се спротивставува на владејачката политика? Хронистерикот експресно од листата на привилегираните ќе биде префрлен на црната листа.

Трибунот, рековме, е искусен, вешт играч, кој умее да игра на долги патеки со политиката. Освен тоа, тој внимателно ја премерува секоја промена на власта и нејзиното можно влијание врз неговата функција. А кловнот? Тој знае дека секоја власт е минлива и дека владејачката политика, дури и кај спротивставените партии, има некои сличности. Затоа ќе се обиде, и натаму, да се… кловнизира…