Хронистерик, трибун, кловн (2)

2. Трибун
За разлика од хронистерикот, трибунот има подолготрајно, повстоличено дејствување врз јавноста, некогаш доживотно, некогаш и по неговата смрт. Наместо нервоза – достоинство. Наместо избрзаност – умност. Трибунот е неопходен за секоја национална литература, за секоја национална култура. Не само за т.н. мали, туку и за оние т.н. големи, што се гордеат со богата и долга воспоставена традиција. Гете, Иго, Толстој… колкава моќ тие имале врз своите современици, не само општествена и морална, туку и една природна, дадена моќ што ги прави фигури од голема важност.
Иако порано мислев дека трибуните во литературата се својствени за некои поранешни времиња, кога се премостуваат важните фази за самосвеста и совеста на нацијата, се чини дека и во овој измешан, конфузен, порозен свет, трибунот и натаму се чувствува способен да дејствува, да ја прифати и да ја одигра улогата (должноста) што обврзува. За што бидува и соодветно награден како академик, почесен граѓанин, угледен избраник на својата нација.

Востоличувањето на трибунот бара соодветна публика, соодветен простор. Неговата сила се храни од големото: важни идеи, општоприфатени мудрости. Уште од етимолошкиот корен (tribus = племе), трибунот ја презема функцијата на заштитник и советник на плебсот. Трибунот си поставува задача да поттикне што поголем број читатели (слушатели), па и темите му се големи, важни, поткрепени со ораторски замав. Не може да му се одрече дека поседува извесно политичко влијание, иако официјално го гради својот имиџ над партиските интереси. Свесен за својата исклучителност, го соопштува својот став за важните дилеми на општеството и знае дека тој личен влог има соодветен прием.

Односите на трибунот со политиката и власта се преплетени со многубројни видливи, уште повеќе невидливи нишки зашто, од една страна, тој го памети и го користи минатото, но и, доволно претпазливо, дејствува во сегашноста.

Македонската литература и култура имаат потреба од трибун. Рацин, поради неговата трагична судбина, остана „трибун во замисла“. Конески ја поседуваше трибунската убедливост и умност, иако неговата мисла беше осенчена со благопесимистичен штимунг на една интровертна природа. Гане Тодоровски, пак, настапуваше како признаен маг, со мајсторска реторика, а неговата постојана патриотска (социјална) свесност се напојуваше со интересна, во суштина експериментаторска навика. Рацин, Конески, Тодоровски. Колку различни, дури спротивставени во своите човечки природи, а не можам да не ги поврзам со улогата што им беше дадена (прифатена) – трибунството! Нивниот книжевен опус уште долго ќе предизвикува натамошни препрочитувања, а нивното трибунско место во македонската култура, и покрај сите можни оспорувања, е обезбедено.

Интересно е што во однос на родовата распределба, особено на Балканите, кај трибуните сѐ уште владее цврстата патријархална логика, меѓу хронистериците се наоѓа понекоја жена писател, додека кловновите и кловниците писатели се речиси рамноправни.

Се подразбира дека улогата на трибунот во културниот идентитет на својата нација е исклучителен. Но што се однесува до книжевноста и уметноста, тука владеат некои поуниверзални, посеопфатни законитости, во кои се очитува и духот на времето, но кои естетски го исполнуваат духот на вредното, премавнувајќи го мигот во кој делото е создавано. Затскриени од сенката на трибунот, пишуваат другите писатели, поневидливи, понечујни, потскриени (трибун може да биде само еден!). Несомнената предност на трибунот е што во „своето време“ и „своето место“ умее да се актуализира врз поширок круг читатели, и во таа смисла, да биде (по)вистинит и (по)актуелен.

Писателот што создава „во сенка“, пак, може кај читателот, негов современик, да предизвика сочувство или симпатија, но никогаш не ќе ја достигне националната важност што ги добива трибунот. Но за самата литература е единствено значајно што покрај Гете постои Хелдерлин, покрај Иго – Бодлер, покрај Толстој – Чехов… што покрај трибунот и маргиналецот, несоодветниот, изопштеникот создава ремек-дела!

(продолжува)