Еден од најскапите живи уметници, славниот британски сликар и графичар Дејвид Хокни, во Лондонската галерија на портрети, на 27 март, ја отвора изложбата „Цртеж од животот“, посветена на неговите цртежи од 1950-тите години до денес, на која првпат ќе изложи и едно дело што долго време било причина за расправии во неговото семејство.
Станува збор за сликата на неговите родители со негов автопортрет во огледалото, „Моите родители јас“ од 1975 година, од која се откажал бидејќи мајка му и татко му, како што објаснува неговата сестра Маргарт, биле „тешки модели“.
– Затоа не бев изненадена кога Дејвид одлучи дека нема да ги портретира. Мама, се разбира, беше вознемирена, но мораше да ја испочитува неговата одлука – изјави Маргарет, додавајќи дека татко ѝ пак бил бесен.
Подоцнежната верзија на делото, „Моите родители“, една од најпознатите слики на Хокни, и без него во огледалото, е довршена во 1977 година и може да се види во музејот „Тејт модерн“.
На изложбата што претстои, славниот британски уметник ќе изложи околу 150 дела, цртежи на кои се портретира самиот себе, но и своите блиски пријатели. Изложбата во Националната галерија на портрети ќе трае до крајот на јуни, а освен неа, во Лондон може да се погледне и изложбата на портрети на познати личности на Хокни, меѓу кои се Ед Ширан, Бруно Марс и др.
Дејвид Хокени кон крајот на 2018 година од тронот на најскап жив уметник го симна Џеф Кунд, откако неговата слика „Базен со два лика“ од 1972 година беше продадена на аукција во Њујорк за 90,3 милиони долари. Кунс во 2019-та се врати на тронот со продажбата на скулптурата „Зајак“, за моментално рекордни 91,1 милион долари.