Иако станува збор за метални објекти, кои ги придвижува хидрауличен состав, однесувањето на овие роботи потсетува на живи организми и предизвикува силни чувствителни сензации
Во рамките на програмата на европската престолнина на културата „Риека 2020“, во приземјето на просторот „Експорт“ на риечката делта, поради голем интерес, до 19 септември е продолжено времетраењето на изложбата „Хистерични машини“, која беше отворена во средината на август. Станува збор за инсталацијата на познатиот светски уметник – роботичар, Канаѓанецот Бил Ворн, која опфаќа шест роботи што ги оживува човечко присуство во нивната непосредна близина, кои во тие моменти се однесуваат како живи суштества. Иако станува збор за метални објекти, кои ги придвижува хидрауличен состав, однесувањето на овие роботи потсетува на живи организми и предизвикува силни чувствителни сензации.
– Со оваа изложба, меѓу другото, се поставува прашањето како е можно толку брзо да се почувствува емпатија кон „суштествата“ чие однесување на изглед е дисфункционално, апсурдно и девијантно, а се настојува публиката да се поттикне на размислување за природата на уметничкиот живот и на основните филозофски и социолошки прашања за односот на човекот и машините, за односот на природното и вештачкото. Ворновата инсталација „Хистерични машини“ е дел од неговата истражувачка програма „Естетика на вештачкото однесување“ – посочуваат организаторите на „Риека 2020“.
Инсталацијата ја рефлектира основната мисла на програмата „Дополаворо“ на европската престолнина на културата, а тоа се промените на природата на работењето под влијание на новите технологии и размислувањето за иднината на работењето и технологиите во времето што доаѓа. Изложбата ја претставува загрепскиот „Контејнер – биро за современа уметничка практика“. Таа се спроведува во соработка со риечката задруга „Друго море“, под водство на кустоскиот тим: Тереза Теклиќ, Даворка Беговиќ и Ена Хоџиќ.