Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ годинава го бележи своето четврто фестивалско издание. Одомаќен во градот Охрид, од денеска до 25 јули фестивалот ќе се одржува на нова локација, плажата Горица 3. Проекции ќе има и на бродот „Армада“, како и во музејско-културниот центар „Лапидариум“. На ова издание ќе можеме да погледнеме филмови што патуваат директно од филмските фестивали во Кан, Венеција, Санденс, Берлинале и преку нив да пропатуваме низ 17 различни европски држави. Сите фестивалски денови ќе бидат бесплатни, односно ќе се почитува принципот „прв дојден – прв услужен“.
Жирито што ќе одлучува за наградите во трите официјални категории на долгометражен, краткометражен и студентски филм, како и за наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување, ќе биде составено од три члена: Сергеј Трифуновиќ – актер, Ана Василевска – филмска теоретичарка/критичарка, Елеонора Венинова – сценаристка/режисерка. Покрај овие категории, во рамките на фестивалот влегуваат и специјалните проекции, а фестивалот ќе биде затворен со веќе востановената практика – прикажување македонски филм. Оваа година тоа ќе биде филмот „Хомо“, на режисерот Игор Иванов-Изи.
Оваа година ќе настапуваат шест млади артисти: Хана Корнети, Андреј Татарчевски, Хамбар, Емили, Мартина Пенева и Никола Лошковски. Едукативната програма, која е секоја година достапна на програмата, годинава ќе се реализира преку две дводневни работилници. Едната е за филмска критика, чиј ментор ќе биде Ана Василевска, а другата е за филмска шминка, која ќе ја предводи Ирена Сенокозлиоска.