Големо внимание привлече и режисерката од Саудиска Арабија, Хаифа ел Мансур, која прави филмови за промените во саудиското општество, овој пат за жена што би сакала да се занимава со политика, но за тоа нема никакви шанси во верското и патријархално општество. Нејзиниот филм „Совршен кандидат“ е еден од фаворитите на фестивалот, судејќи според реакциите на публиката и на критиката
Филмовите на Роман Полански „Обвинувам“ и на Џејмс Греј „Ад астра“ досега им оставија најголем впечаток на филмските критичари на тековниот 76-от Венециски филмски фестивал, или популарната Мостра. Полански се занимава со славната Драјфусова афера, но така што акцентот на приказната го става на шефот на француската контраразузнавачка служба, Жорж Пикар, кој на писателот Емил Зола му открива дека аферата му е подметната на Драјфус. Зола подоцна јавно, во весниците, се обратил со обвинение до самиот претседател на републиката.
Покрај одличните критики, филмските портали наведуваат дека Полански со овој филм повторно урива рекорди во киноблагајните.
Особено ласкави критики доби Џејмс Греј за еден вид научнофантастичната драма „Ад астра“, за астронаут што трага по вистината за својот татко. Филмот е направен според познатиот роман на Џозеф Конрад „Срцето на темнината“, а во главната улога брилира Бред Пит.
Големо внимание привлече и режисерката од Саудиска Арабија, Хаифа ел Мансур, која прави филмови за промените во саудиското општество, овој пат за жена што би сакала да се занимава со политика, но за тоа нема никакви шанси во верското и патријархално општество. Нејзиниот филм „Совршен кандидат“ е еден од фаворитите на фестивалот, судејќи според реакциите на публиката и на критиката.
Јапонецот Хироказу Коре-еда се претстави со остварувањето „Вистина“, а забележан е и филмот на Марио Мартоне, „Градоначалникот на Рионе Санита“, кој се занимава со неаполската мафија.
На фестивалот со нетрпение се очекуваат и филмовите на Рој Андерсон „За бесконечноста“, Лу Јеа „Саботна фикција“, Пабло Ларина „Ема“, како и на Атом Егојан „Почесен гостин“. За наградите одлучува жирито на чело со аргентинската режисерка Лукреција Мартел, додека режисерот Емир Кустурица претседава со жирито за најдобро дебитантско остварување во Венеција.
Филмскиот фестивал во Венеција свечено беше отворен со семејната драма на Коре-еда, првиот филм што славниот јапонски синеаст го сними надвор од својата земја, а главните улоги ги играат: Катрин Денев, Жилиет Бинош и Итан Хоук.
По црвениот тепих на Лидо поминаа мегаѕвезди на светската кинематографија: Педро Алмодовар, Бред Пит, Роберт де Ниро, Жоакин Финикс, Мерил Стрип, Гери Олдман и Антонио Бандерас. Големо внимание од италијанските медиуми добија Џони Деп и Роберт Патинсон, кои ги играат главните улоги во филмот „Чекајќи ги варварите“, снимен по романот на јужноафриканскиот писател Куци за расизмот, како и Скарлет Јохансон, која ја игра главната улога во полуавтобиографската драма „Приказна за бракот“ на Ное Бомбаш.