Февруари во салата на Кинотеката на Македонија носи грст наслови од различни кинематографии и различни жанрови, но и омажи на домашни автори и актери што ја задолжија македонската кинематографија. Тоа се драматургот и филмски сценарист Горан Стефановски, режисерот Љубиша Георгиевски, и актерите Мите Грозданов и Љупка Џундева. Во најава е и промоција на новата книга на Александар Трајковски, „Музиката во македонскиот филм: oд Фросина до Лазар“, во издание на Кинотеката на Македонија.
Февруари ќе биде и месец на иранскиот и на рускиот филм. Иранската кинематографија се претставува со шест наслови: на делата на старите мајстори Абас Кијаростами и Маџид Маџиди се надоврзуваат нивните наследници според сензибилитетот за социјална драма.
Февруари ќе биде и во знакот на руската кинематографија. Речиси цел месец во програмата „Руска зима: месец на класичен и современ руски филм“ ќе се дружиме со делата на неповторливите мајстори на класичната руска кинематографија – Сергеј Ајзенштајн, Андреј Тарковски, младиот Никита Михалков, Елем Климов, Лариса Шепитко, Емил Лотеану и други – но и со поновите проблесоци на оваа филмска школа. Дваесет и петте наслови од ризницата на „Мосфилм“, една од најстарите и најголеми филмски компании во Русија и Европа, се единствена можност и најпребирливите филмски естети да го задоволат гладот за убавина.