(Александар Прокопиев, „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“, издание на „Авант прес“, Скопје, 2019)
Рецензија
По цели четири децении работа на полето на краткорасказниот модел, Александар Прокопиев го собира сето свое искуство на едно место, олицетворено во книгата „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“. Во текот на овие години, тој покажа исклучителна доследност и лојалност, пред сè кон себеси и кон сопствениот стил, а потоа и кон читателската публика, задржувајќи го и унапредувајќи го воспоставеното ниво на раскажување. А освен кон кратките раскази, Прокопиев покажа лојалност и кон еден друг книжевен жанр, хаикуто, кое исто така може да се најде на страниците на оваа книга. Всушност, двете кратки книжевни форми од два различни жанрови навидум најдобро можат да ја објаснат творечката концепцијата на Прокопиев: со малку зборови да се каже многу.
Овие „222 антиупатства“ можат да се сметаат како продолжение на сите антиупатства сочинети од Прокопиев, почнувајќи од само антиупатствата, преку новите антиупатства, достигнувајќи го зенот со ова комплетно претставување. Макар што формата наложува да се сметаат за собрани или компилирани дела, тие создаваат основа за понатамошно надградување на идејата за преобразба на одредени ситуации на одреден начин во литература. И тука Прокопиев е извонреден. Затоа, нема причина вака воспоставената шема на умешно варирање, односно специфична игра на реалноста со фантазијата, да биде прекината. Низата настани во кои учествуваат низа реални ликови, произведува нов свет во кој авторот се чувствува супериорен, како во изразот, така и во ненаметливото привлекување читатели.
Белешките што со време станале литература се посредник помеѓу доживувањата, мислите и размислите како субјективност, наспроти обидите преку нивно обелоденување за некаква објективизација. Нафрлањата мисли што на моменти заличуваат на блиц од фотоапарат (или мобилен телефон) заблескуваат и исчезнуваат. Дали се успеало да се зграпчи моментот или не, тоа е во зависност од творецот на чинот. Во нашиот случај, Прокопиев навистина успеал тие кратко-кратки пројави да ги сними и да ги пренесе во вид на пишан збор. Има во нив несовршености, како што самиот укажува, но сметаме дека тие несовршености се совршен показател за умешноста на авторот да ги изнедри од бездната на заборавот.
„Ми се случило“, вели Прокопиев на едно место, „да помислам дека можеби треба да ги дотерам и стилска да ги освежам некои од постарите антиупатства, но веднаш се откажував од преправките, зашто со тоа би ја нарушил нивната основна цел – без оглед дали биле запишани со молив, машина за чукање или компјутер, тие се создавани во мигот и како такви, несовршени, си поседуваат некој свој шарм“. Потврда за прифаќање на ова размислување наоѓаме кај речиси сите книжевни критичари што на каков било начин имале контакт со расказите на Прокопиев, а нив ги има многу.
Како и сите други антиупатства на Прокопиев, овие 222 антиупатства накратко можеме да ги опишеме како долготраен проект на еден контаминиран прозен жанр. Записите, импресиите, размислувањата се исполнети со цитати од различни уметници, автори, научници, изобилуваат со јазични елементи други јазици (пред сè англискиот и шпанскиот), а откриваат и низа податоци поврзани со фамилијарната биографија на авторот. За да го избегне сувопарното раскажување на обични и вообичаени семејни и други ситуации, авторот започнува да си поигрува со нив внесувајќи естетски ефекти, а во функција на интертекстуалноста, отвореноста за понатамошен развој на моментот, движејќи се од микроструктурата кон макроструктурата и обратно. Во нив доминираат светогледите на авторот за животот, за литературата, за пријателствата и сл.
Меѓутоа, дури и во вакви услови, кога реално е тешко отсечно да се опишат и да се категоризираат антиупатствата, во овој книжевен проект на Прокопиев се издвојуваат три главни белези. Најпрво, тоа се творбите од некаков чист литературен облик, убава литература, во форма на раскази и песнички, кои изобилуваат со дијалози и постои сценска напрегнатост, меѓу кои ќе ги издвоиме насловите: „Вида и Добре“, „Писателски средби“, „Пензионери“, „Cuba en Palma (морска цртичка)“ итн. Понатаму, како специфични книжевни записи во посебна група можеме да ги ставиме есеистичките записи во кои авторот се задржува на одредени појави и процеси во книжевноста, а кои се потковани со научна основа, меѓу кои ќе наведеме неколку: „Кои се македонските прозни класици?“, „Ханс Касторп меѓу Сетембрини и Нафта“, „Густав Фон Ашенбах – од Ман до Висконти“, „Волшебниот свет на Чингиз Ајтматов“ итн. На крајот следуваат текстовите со дневничко-мемоарски записи, во кои наоѓаме елементи од двете претходно наведени групи, расказите и есеистиката, но кои се однесуваат токму на авторот, откриваат фрагменти од неговиот живот и всушност претставуваат скици за можна биографија: „Скици од моите белградски години (белешки за следна книга)“, „Баба Марија, мајката на мајчината мајка“, „Лукаш“, „Перницата Миледи“, „Од дневниците на тета Вета“ итн.
Главните ликови, како што може да се забележи, му припаѓаат на книжевно-научниот круг, а се во постојана врска со историјата и политиката. Фузијата на ликовите со просторот и времето Прокопиев ги избиструва во книжевни портрети на реални и измислени ликови како: Сулејман Величествениот, Самоил, Марек Дебњар, малата Лулу, семејството Лазиќ, но и некојси Миле, Перо, Драга итн. Темите се секојдневни, на изглед обични, дури и банални: разговори на кафе-пауза, во автобус, на прошетка, случајни средби и други секакви севозможни ситуации што преминуваат во ситуа(к)ции. Ентузијазмот во творечкиот чин на Прокопиев е заразен, а бидејќи доаѓа од срцето „е ослободен од Земјината тежа“. И е брз како интернетот, лесен и брз што му овозможува да воспостави контакт со уште поширока маса читатели и да стигне до уште подалечни пространства.
Читателот мора да ги прифати понудените ситуации такви какви што ги предава Прокопиев. Тој умешно ги аранжира настаните и од нив (пре)создава книжевно дело, со сопствен наратив. Значи, авторот дејствува писателски, а не во својство на универзитетски професор. Дејствува по сопствени убедувања, а против канони што, се чини, го задушуваат. Некои критичари таа поетика ја нарекуваат борхесовска, некои иронично скандалозно критична кон хипокризијата на колективот, а некои едноставно забавна, навидум лежерна, игрива, спонтана, интимна и лирски топла.
Александар Прокопиев и неговите „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ не даваат заокружена целина. Неговата приказна продолжува и понатаму да се развива, неоптоварена од притисоци. Таа е произведена во лабораторијата „она што треба“, а не „она што мора“. Четиридеценискиот живот на овие антиупатства e доволен доказ за тоа.
Славчо Ковилоски