Светот е сцена
Луис Фишман, уметницата што го воведе женскиот гнев во современото сликарство, почина на крајот на јули, во Њујорк, на 82-годишна возраст. Апстрактната сликарка преку своите дела сакаше да ја издигне свеста кај жените и да го поттикне нивниот бес. Нејзините феминистички слики ја доведоа во прашање доминантната машка практика на модерниот експресионизам.
Родена во Филаделфија, во 1939 година, Фишман се сели во Њујорк по дипломирањето, каде што се сретнува со модерните експресионисти, кои со задоволство ја вклучуваат во својот социјален круг. Меѓутоа, наскоро дознава дека за неа нема место на таа сцена. Иако не се чувствува прифатено во уметничкото движење што го предводат главно мажи, пронаоѓа друга заедница во која почнува да се чувствува како дома. Станува дел од лезбејското движење, кое ѝ го менува животот.
Во 1970-тите, кога постмодернистите се ослободуваат од традиционалната слика, сметајќи ја за мртва уметничка форма, Фишман почнува бунтовно да го присвојува овој традиционално претежно машки медиум, барајќи апстрактниот експресионизам да зборува за нејзиното време, заедница и искуства. Иако накратко го напушта сликарството во доцните 1960-ти и раните 1970-ти, за да се занимава со шиење и плетење, традиционално наречени „женски вештини“, Луис Фишман сепак останува запаметена по нејзините големи, густо обоени композиции со богата текстура. Нејзините елегантни, енергични апстракции на сложени и енергични движења се создаваат со стругалки, шпатули и четки, со кои наизменично ја нанесува и ја отстранува бојата.
Серијата на слики од 1973 година, која го претставува нејзиното враќање во сликарската форма, правејќи омаж на исконските фигури на феминистичкото движење, го слави оправданиот женски гнев, емоција што генерално се смета за неженствена. На името на уметницата почнуваат да се додаваат придавките како „бесна“ или „гневна“.
Во 1988 година, уметницата патува во Источна Европа, што дополнително ја инспирираа да се посвети на истражување на темнината и материјалноста. Патувањето имало драматично влијание врз нејзината работа, го променило нејзиниот начин на работа и ѝ помогнало да го истражи својот еврејски идентитет. Во оваа фаза Луис користи ладен восок, кој го комбинира со боја за да направи различна основа. Кога се вратила од Аушвиц и Терезин, како материјал користела пчелин восок со пепел и мали камења.
Големо влијание врз нејзиното сликарство извршила уметницата Агнес Мартин, со која се зближила откога се преселила во Ново Мексико, во 1990 година. И покрај длабоката лична и субјективна природа на сликите на Луис Фишман, нејзината работа сѐ уште има влијание врз денешницата на начин што може да се разбере колективно, надвор од нејзиното лично искуство.
– Светот загуби перспективна сликарка, активистка и пријателка, чија потрага по индивидуална слобода и личен израз беше нејзината примарна мотивација како сликарка. Нејзината смрт остави огромен јаз во уметничкиот свет – изјавија од галеријата „Карма“ во Њујорк по смртта на сликарката.