УЖИВАМ НА С’ЛНЦЕ

– Мало ѓезве, тамам за едно кафе, имаше обичај да каже дедо ми Санде, кога наутро, од крајот на мај до почетокот на октомври, во послужавник ќе ги донесеше на терасата филџанот и ѓезвенцето со штотуку зовриеното кафе. Филџанот беше од оние старинските, малечок порцелански со извиена, грацилна дршка и со насликан мотив на рози и ист таков на тацната. Дедо, свежо избричен и намирисан со колонска вода, повремено жмиркајќи од утринското сонце, бавно, со паузи меѓу голтките, го сркаше кафето. Така, иако филџан-дозата беше во неколку голтки, неговиот кафе-ритуал се одолжуваше речиси цел час.
Кога ќе го здогледаше таму на терасата, како предадено си го срка кафето, татко ми, секогаш забрзан пред поаѓање на работа, гризејќи го сендвичот што мама вчеравечер му го приготви и го завитка во салфета, не издржуваше, а да не го пецне:
– А бе, тато, како можеш секое сабајле со кафето?! Ич мува не те лази.
А дедо Санде, без и најмала возбуда, меко ќе му одговореше: – Уживам на с’лнце…