Посета

– Ајде, мамo… немој, не притискај таму, отворено е! Oтворено е!
Мајката упорно го стискаше копчето за отварање на прозорецот на автомобилот.
– Не го притискај, не е тоа… чекај, јас ќе ти отворам – нервозно рече Искра и го заобиколи автомобилот до совозачкото место. Едвај го откопча ременот што мајката го беше врзала под двете мишки, наместо преку едното рамо, и го затвори прозорецот.
– Мама, а да го скокнеме пазарот, нема да имаме време… – ја убедуваше Искра, бришејќи го испотеното чело. Во автомобилот имаше сто степени, а климата беше расипана уште од минатото лето.
Мајката седеше спокојно како статуа и тивко прошепоти:
– Срамота е Марија, не се оди со празни раце…
– Мамо, јас сум Искра, кај Марија одиме сега, добро? – рече без да ја погледне.
– Кај тебе е торбата? – запраша загрижено мајката, глува за зборовите на Искра.
– Торбата ти е в скут, мамо… Слушај, Марија има сѐ што ѝ треба, дај веднаш да одиме кај неа, те молам, овде ќе заглавиме во најголемиот метеж, а и пекол е жешко!
– Ќе одиме, само да ѝ купи мама овошје – рече мајката спокојно.
Едвај успеа да се извлече од седиштето, потпирајќи се на Искра, и двете полека тргнаа кон пазарот.
– Да не се истуткав, мила? – запраша мајката, покажувајќи кон широкиот зелен фустан со крој од 1970-тите. Во едната рака држеше голема црвена торба, најверојатно носена на многубројни летувања, како и преостанатиот дел од гардеробата. Искра гледаше во мобилниот телефон, не слушајќи ја мајка си.
– А, Марија, што велиш… другите фустани ми се извевтени, да не е прејака бојава?
– Не знам мамо, добра си, само побрзај, немаме многу време! – изусти Искра.
– Си станала нервозна како сестра ти, Мацо… – заклучи мајката и сврте кон клупите десно од влезот.
Искра нежно ѝ ја дофати раката, неуспешно обидувајќи се да ја сврти во спротивната насока.

– Не таму, мама, одиме на пазар. Ајде, те молам, мора да побрзаме.
Не ѝ се оставаше сама во автомобилот. Сега забележа дека се обидела да стави кармин, кој беше размачкан и надвор од рабовите на устата. Мобилниот на Искра кусо заѕвони и таа застана да ја прочита примената порака. Ја прегриза долната усна и ја приближи слободната дланка кон лицето.
– Кога почна да гризеш нокти, Марија?! – се зачуди мајката.
Искра, без да го подигне погледот, тапо изусти: – Отсекогаш, мамо… ајде седни малку на клупава, да напишам една порака.
– Си ги искасапила прстите, не личи, женско си… – продолжи мајката, а Искра сосема исклучена од разговорот, типкаше по телефонот. Ја собра косата со ластиче, кое го извади од џебот на фармерките, го избриша челото со ракавот од маицата и воздивна длабоко. Продолжи да типка на телефонот, грицкајќи ги ноктите на раскрвавените прсти. За момент го подигна погледот кон преполниот паркинг пред себе, прошаран со ѓубре, кое топлиот ветар го беше донел од пазарот. Разнобојни најлонски ќеси се топеа на жешкиот асфалт. Се мешаа мириси на издувни гасови и полураспаднат зеленчук. Искра брзо ја напиша и последната порака и го врати телефонот в џеб. Ги протри уморните очи, вдиша длабоко и сфати дека мајка ѝ не е на клупата до неа. Почна да лута панично околу автомобилите на паркингот, но не можеше да ја види никаде. Истрча до автобуската станица и забележа како се зеленее фустанот на мајка ѝ во толпата пред преполниот автобус. Истрча до неа, ѝ ја дофати раката и ја повлече силно кон себе.
– Каде отиде, бре, мамо?! Ме извади од памет… – изусти задишана од трчање.
– Па, на пазар Мацо, ајде, ќе го пропуштиме автобусот.
– Мама, јас сум Искра, а пазарот е наваму, ајде, мора да побрзаме.
Искра се пробиваше бавно низ пладневниот метеж, водејќи ја мајка си за рака. Пазарот вриеше како мравјалник и тие се упатија кон првите тезги со овошје. Мајката застана крај тезгата со јужно овошје и ги превртуваше мандарините една по една, ред по ред. Продавачката неколкупати ѝ се обрати, додека мајката ја привршуваше инспекцијата.

– Мамо, одбери што било и да одиме – ја молеше Искра.
– Не може што било, Мацо, се знае што се носи во ваква пригода, банани и портокали.
Продавачката ѝ подаде две ќеси на мајката, кога заѕвони мобилниот на Искра. Обидувајќи се што побрзо да го извади од џебот, телефонот ѝ падна од рацете и едвај го пронајде меѓу бананите. Го грабна и брзо се оддалечи од мајка си.
– Ало, Мацо? Ме слушаш? Како си? Да, еве доаѓаме, мама запна на пазар да застанеме. Како да ја оставам, ќе избира до утре овошје… Како си ти? Земи го, не се челичи, ќе ти биде подобро… Да, метеж е овде. Што дали има? Да, има, сега им е сезоната… да… се сеќаваш кога бевме во средно, можев да изедам пола тегла слатко од зелени смокви, а ти едвај ќе пробаше… – рече Искра насмевнувајќи се, бришејќи го испотеното чело со ракавот.
Спарнината беше неподнослива, како мувите што се лепеа на кожата. Искра се потпре на една празна тезга и ја слушаше сестра си.
– Да, се држи, подобра е од порано, почна да ги носи алиштата од времето кога бевме основно… Да, и јас мислев дека ги фрлила… Одмори се, набрзо доаѓаме, чувај си ја силата – изусти Искра.
Го пикна телефонот во џебот и се врати на тезгата на која ја остави мајка си, но неа ја немаше. Продавачката покажа кон други тезги со овошје и Искра тргна кон нив, пробивајќи се низ врвулицата од луѓе. Конечно ја здогледа мајка си, искривена од тежината на торбата.
– Купи мама овошје! Одиме, Мацо? – извикна победнички.
– Не ми се губи, те молам… и дај ми ја торбата – ја прекори Искра.
– А, не! Не ми е мене тешко, само ти уживај! – одлучно пресече кога Искра ја насочи кон излезот од пазарот.
Во автомобилот имаше четириесет степени и Искра безуспешно се обидуваше да ја вклучи климата. Мајката ја имаше гушнато цврсто торбата, гледајќи самозадоволно пред себе. Искра се обидуваше да вози што побрзо, но колоната стануваше сѐ подолга. Конечно сврте од булеварот кон една споредна улица, каде што се чинеше дека конечно избегаа од хаосот, кога заѕвони мобилниот. Искра го грабна телефонот, запре најбргу што можеше и излезе од автомобилот пред да изусти збор. Мајката силно ја стисна црвената торба со тенките старечки раце, кои стрчеа од зелените ракави. Лепливиот сок од овошјето го натопи ветвиот фустан. По неколку минути, Искра ја отвори вратата на совозачкото седиште, ја спушти мајчината торба на земја и ја вгнезди главата во зелената ткаенина. Топлиот воздух тивко струеше низ брезите на празниот паркинг, во градот кој како да почна да дише пред зајдисонце.

X X X

Искра едвај ги отвори отечените капаци, во собата од нејзиното детство. Спиеше на долниот кревет од двата кревета на кат, на кои спиеја со Марија пред многу години. Часовникот отчука дванаесет пати, а собата беше полна со заслепувачка светлина. Искра стана полека, се измолкна од креветот и полека се упати кон кујната. Мајката беше наведната над едно огромно тенџере и мешаше со голема дрвена лажица. На подот лежеше црвената торба, од која се имаа истркалано неколку зелени смокви. Кујната мирисаше како рајска градина. Искра седна на едно од трите столчиња и долго ја гледаше мајка си.
Конечно мајката се сврте и ѝ подаде лажица: – Пробај,твоето омилено слатко. Искра ја џвакаше долго топлата горчлива смоква, сфаќајќи дека мајката заборавила да стави шеќер.
– Може уште малку? – изусти по неколку минути Искра.
Мајката се насмевна и посегна по чинија.

Катерина Илиќ-Нонкуловска