Деновиве во Скопје се снима новогодишна песна и видео за неа со наслов „Топол дом за сите“, која е посвета од децата што поголемиот дел од денот го минуваат на улица до сите нас. Оваа своевидна химна ќе биде поддршка на целата кампања, проект со кој ќе се реконструираат живеалиштата на децата што живеат во најтешки и нехумани услови, што ќе го реализира здружението „Проект среќа“.
– Овој проект во срцето го носам десет години. Малку се одолжи работата, бидејќи кај нас тешко се добива поддршка од институциите, па ако чекаме на нив никогаш ништо нема да завршиме. Затоа, храбро почнавме сами со реализацијата, а во спотот ќе видете кои од јавните личности прифатија да бидат дел од овој хуман настан со кој ќе апелираме за хуман однос кон децата од улица и ќе собираме средства за реновирање на живеалишта на деца што живеат во исклучително тешки услови – вели пејачката Кристина Петровски Арнаудова, која е прв човек на здружението „Проект среќа“.
Голем број претставници на македонската естрада, заедно со Кристина пеат од срце за поддршка и љубов на оваа убава акција, бидејќи, како што велат, Нова година треба да е среќна за сите!
– Им благодарам на сите за поддршката, која се надевам ќе биде уште поголема, бидејќи ниедно дете не смее да расте без покрив над главата – дополни Арнаудова.