– Видете колку е нежна, Александрр – ми ја покажуваше, којзнае по кој пат, гледајќи ја низ лупата, кутрата Лубентина – маж ми ја улови во италијанските Алпи, во летото 36-та.
Г-ѓа Ј. знаеше податоци за секој препариран примерок во збирката, кога и каде бил уловен од нејзиниот маж, пасионираниот лепидоптерист. Што можев? Замислете еден 20-годишен бруцош, принуден на полноќ да седне до неа и да се прави дека внимателно ги слуша застрашувачките податоци за смртта на несреќните пеперутки.
Претходно немав слични искуства. Понекогаш ќе најдев, меѓу страниците на некоја дебела книга од родителската библиотека, сплескана бубачка, пресувана како цвет. Колку е стара, ќе помислев, како ѝ се случило ова, со ништо барано, конзервирање?
Но со збирката на г-ѓа Ј. ми беше многу помачно. Прво, затоа што пеперутките беа складирани како жртви на некој морбиден ритуал, што дејствуваше уште посенишно поради нивните педантно испишани латински имиња. По завршетокот на „сеансата“, сиот премален се качував горе, на мансардата, и покрај Моне, кој, мртов ладен си ’рчеше, долго се обидував да заспијам.
За волја на вистината, г-ѓа Ј. понекогаш ќе го прекинеше редењето податоци за мртвите пеперутки и ќе почнеше да ми раскажува за својот живот. Гласот ѝ се менуваше, од монотониот рецитатив што ширеше студ во полутемната соба, ќе минеше, тргајќи ја лупата (на мое големо олеснување), во почовечки тон.
Така и дознав како течело нејзиното патешествие од далечната Одеса до Балкан.
Не ни знаеле малечката г-ѓа Ј. и нејзината мајка, меѓу сите расплакани мајки и деца, каде ќе ги однесе преполнетиот брод што тоа студено декемвриско утро 1918-та се отиснал од пристаништето во Одеса. Пловидбата траела долго, тие набиени во тесниот простор на потпалубјето, „замислете Александрр, како сардини во конзерва“, во никакви услови, полугладни, скитале низ големите води. Очајот пред бескрајното запенето море и бескрајното магличаво небо, на чија средина како закован неподвижно стоел сончевиот диск, ги терал жените на најразлични претпоставки. За едни, бродот ги водел кон Африка, во Египет, другите се тешеле дека причината на оваа предолга пловидба е заобиколниот пат до Франција. Додека едно утро криците на морските галеби не им најавиле дека бродот влегол во залив и дека конечно се наближуваат кон некое пристаниште. Така и било, стигнале во Солун.
Прераскажувајќи ја денес историјата на морските скитања на г-ѓа Ј. и нејзината мајка во тогашната интерпретација на руската старица, ми се чини дека драматиката е лермонтовски пренагласена, но моите сеќавања на страдањата на московската дама и нејзиното девојче (од кои денес ме дели цел век) стојат сѐ уште свежи во мојата мемориска фиока.
(продолжува)