Териерката Маза и Џоле мајмунот (2)

Кога се доселив на мансардата, г-ѓа Ј. веќе долги години беше вдовица. Нејзиниот сопруг, министер за здравство и гинеколог, инаку доста постар од неа, беше погребан, одамна пред моето доаѓање, во Алејата на заслужни граѓани, со сите државни почести и звуците на воениот лимен оркестар. Г-ѓа Ј. со нескриен вознес зборуваше за тој торжествен настан, на кој, „замислете Александрр, присуствуваше лично другарот Тито, со целото раководство, и Кардељ, и Ранковиќ…“. Иако Ранковиќ веќе беше отстранет од СКЈ и од сите јавни функции, за г-ѓа Ј. тој сѐуште стоеше до Тито на незаборавниот гоблен од тој свечен чин на нејзината лична историја кога се простуваше со сопругот.
И покрај тоа што ги раскажуваше своите спомени со подигната внесеност, животот навистина ѝ беше исполнет со драматични настани. Таткото, генерал, се викал Александар, па затоа, за целиот мој едно и полгодишен престој во куќата на Сењак, г-ѓа Ј. не ми се обраќаше по мојот прекар, како што тоа го правеа Доне, тета Лепа и сите други, туку со нагласено изговорениот Александрр. Можеби и Ранковиќ поради името имаше заштитено место во нејзините сеќавања.

Московските години го очудуваа детството на г-ѓа Ј. Големиот град во очите на девојчето беше исполнет со величествени цркви и булевари, со дами во раскошни бунди што се возеа во пајтони, со дадилка што ја водеше по пазарите облечена како за црква, со свечени вечери во домот на родителите, каде што ја дигаа во раце големи, високи, брадести мажи во стегнати униформи или во црни фракови. Г-ѓа Ј. се сеќаваше и на едни други – подгрбавени питачи и скитници, кои понекогаш ги среќаваше додека шеташе со дадилката понастрана од булеварите. „Беа различни. Беа сосема различни од моите“. Тие поинакви, застрашувачки луѓе како да беа очигледно навестување на она што грубо ќе ги разурне бајковитите девојчински години на г-ѓа Ј. Хаосот на револуцијата. Сѐ се случувало страшно брзо: насилната преселба од богатиот московски стан во малечкиот апартман во Одеса, заглушувачките пукотници и гранати што како да доаѓале од соседниот двор, „јаросни“ офицери на коњи со перјаници како на парада, војници со бајонети во калливи униформи што зборуваат и пцујат на странски јазици (малечката г-ѓа Ј. ги препознала францускиот и германскиот што ги учела од воспитувачката)… Татко си сѐ помалку го гледала, тој со другите генерали во штабот на Дењикин се враќал од фронтот само да се пресвлече и да ги гушне. Додека едно магливо дождливо утро „папочка“ не ги натоварил на брод, меѓу толпа расплакани, истуткани, изгубени жени и деца.

Приказните од своето детство г-ѓа Ј. ми ги раскажуваше во специфичниот ноќен амбиент на салонот во куќата на Сењак. Кога доцна навечер, скришум, најтивко што е можно, се качував кон мансардата по дрвените скалила (тета Лепа веќе беше заспана), тие, и покрај сиот мој напор, сепак ќе закрцкаа, веднаш повикувајќи го нејзиниот тивок, но заповеднички глас: – Александрр, дојдете, ве молам.

(продолжува)