(Т. Османли, „Парадоксикон“, Скопје: „ВиГ Зеница“, 2020)
Во најновата прозна книга „Парадоксикон“ на Томислав Османли, за која авторот го доби „Рациновото признание“ за 2020 година, доминира една необична, фантастична, алогична и апсурдна перцепција на нашата современост. Видливо е тоа веќе во поднасловот на книгата, преку кој самиот автор ги определува своите раскази „кај комични, таму и тажни за вчудовиденоста, сатиричноста, сарказмот, очуденоста, за гротеската, фарсата и за парадоксите што не престануваат да нè населуваат“. Две од неговите дванаесет прози, „Напрегнато“ и „Полуисчезнат човек“, се веќе објавени: првата во збирката „Каприча“ (2009), а втората – во „Океан од слики“ (2018). Со нивното преобјавување во нова книга, Османли, автореференцијално, упатува на една линија од сопствената раскажувачка традиција, која практикува своевидна карневалска визија на реалноста, во стилот на Н.В. Гогољ или Радое Домановиќ.
Сликите на реалноста во „Парадоксикон“ се уште потрауматични, поизострени, „претставени без анестезија“ (како што вели авторот), како „колективни и индивидуални парадокси“.
Тргнувајќи во одбрана на повредениот човек на денешницата, инструментализираниот човек кафкијански заталкан во административниот апарат, злоупотребената единка, женското битие особено, но и луѓето без документи и без правна видливост, мигрантите што ја живеат својата бегалска голгота, сите „маргинализирани, понижени и заборавени битија“, Османли создава „литература на остри ирониски ангажмани“ и автопоетички појаснува: „Таа игра на олигархиската моќ со вредностите, веќе не може да се изрази како ‘сатирикон’, како што е насловот на едно класично дело на римската антика, она на Петрониј, или, пак, како во сјајниот филм на Федерико Фелини. Пароксизмот израснат како цветна, а трнлива билка на новата општественост, има потреба од ново именување што, порано, авторски го формулирав како ‘Каприча’, а сега како – ‘Парадоксикон’“.
Што е попарадоксално? Дали стварноста во која живееме или сликата за неа што ја креира Томислав Османли? Можеби тие и не се разликуваат меѓу себе?! Иако на прв поглед комично претставена, во суштина, сликата на стварноста во „Парадоксикон“ води до едно горчливо сознание за тажното човекување на индивидуата во нашето, но и во секое друго општество. Се работи за книжевна обработка на некои универзални теми, кои не знаат за каде и кога, иако, не ретко, авторот експлицитно алудира токму на актуелното овде и сега, но, локалните референции имаат универзална смисла и значење, па оттаму, не случајно, Глигор Стојковски, во предговорот кон „Парадоксикон“ на Томислав Османли, суштината на оваа проза ја доведува во корелација со филозофијата на Ерик Фром „да се има или да се биде“, изложена во истоимената книга од 1976 година.
Првиот модел – материјалната моќ – е поврзан со суровоста и агресивноста, односно со алчноста, зависта, насилството, егоизмот, со безочноста; вториот – со љубовта, разбирањето, сочувството, солидарноста, со продуктивната активност, со задоволството од споделувањето. Според Стојковски, Томислав Османли во расказите од својата најнова книга „Парадоксикон“ се занимава и со двата споменати темелни модела на искуството – моделот да се има и моделот да се биде, на коишто и самиот упатува и доаѓа до сознание дека во денешно време „имиџот е главен“ и дека не е веќе актуелна споменатата фромовска дилема „оти сега владее позитивното убедување – да имаш ако сакаш да те биде“ (расказ „Ре-новација“).
Османли се служи со најразлични техники во своите раскази, меѓу другото и со наративната постапка фундирана врз документот која доминира во „Невидливо“, „Тутти кванти“ и во финалниот расказ-есеј „Ready made… субјект“. Во расказот „Невидливо“, макотрпната одисеја на едно „правно невидливо лице“, кое упаѓа во ќор-сокак по смената на државите на овие наши простори („не постојам“ во државните документи, „како да сум паднал од небо“ – вели главниот јунак), е илустрирана со реални факти, новински записи и интернет-страници, а во „Тутти кванти“ топлата и тажна приказна за една речиси секојдневна појава карактеристична за нашата современост, феноменот на исчезнати лица и изгубени домашни миленичиња, е заснована, исто така, врз реални медиумски огласи и интернет-известувањата. Документот е доверлив индикатор или гарант за реалистичноста и за веродостојноста на нарацијата и тој ја укинува границата помеѓу фикцијата и стварноста.
Познато е дека инкорпорирањето документаристички материјал во расказното ткиво како свесна интенција на авторот претставува типично постмодернистички манир.
Османли е суптилен набљудувач на историската реалност, но тоа е само почетна, иницијална каписла за придвижување/поттикнување на имагинацијата (фантазијата), по што следува креација врз основа на виденото и чуеното, прочитаното и осведоченото. Сепак, во крајна инстанца, моќта на имагинацијата е главната компонента на творечкиот гениј на еден писател од форматот на Томислав Османли, а не реалното случување, кое се користи како граѓа за некоја одделна приказна.
Лидија Капушевска -Дракулевска