Меѓу стрип-приказните од збирката „Оној свет“ на Македонското студентско етнолошко друштво, претставени на Саемот на стрипови во Белград, е и приказната на стрип-илустраторот Слободан Танасковски, „Јован Попов и самовилата“. Тоа е, всушност, првата самовилска песна од Зборникот на Миладиновци, која за овој настан е препеана и на англиски јазик
„Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ и „Создај стрипоскоп! Културното наследство на градот Скопје низ кратки стрип-приказни“ се насловите на впечатливите проекти што привлекуваат внимание со објавените збирки на стрип-илустрации „Оној свет“ и „Двата света“, како и со збирката стрип-приказни „Стрипоскоп“. Во нив се презентирани 33 стрип-илустрации и 9 стрип-приказни. На насловната страница на „Стрипоскоп“, на пример, е влезот на Музејот на градот Скопје со ликови од „овој“ и од „оној“ свет, а во збирката „Оној свет“, пак, покрај дел од македонската, е содржан и дел од албанската народна митологија. Меѓу другите оваа збирка содржи и илустрирани текстови со наслов „Земјата на вол што се крепи“, „Урок и урокливи очи“, „Жива вода“.
– Сите илустрации се со придружен краток текст за претставите. Автори на текстовите се авторите на илустрациите и млади студенти, етнолози антрополози – посочи деновиве раководителката на проектите, Инес Црвенковска Ристеска од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Организатор на проектот „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ е Македонското студентско етнолошко друштво со поддршка од истиот институт, со чија поддршка се реализира и проектот „Создај стрипоскоп! Културното наследство на градот Скопје низ кратки стрип-приказни“, чиј организатор, пак, е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија. И двата проекта беа финансиски поддржани со Програмата за финансирање на јавните установи и активности од областа на културата од интерес на градот Скопје, во изминатите две години, а поддржани се и годинава.
Раководителката на проектите вели дека нејзина, но и цел на нејзините колеги етнолози антрополози, а и стрип-цртачи, е низ подолготраен процес на истражување младите цртачи низ стручна етнолошка и фолклористичка литература, да се запознаат со митските јунаци и демонските суштества од македонската народна митологија и демонологија општо и од околината на Скопје посебно, и да илустрираат дел од нив.
На ваков начин, нагласува таа, тие се стекнуваат со знаења за македонското културно наследство, но и го пренесуваат своето видување за културните вредности на градот Скопје и Македонија на други млади луѓе, користејќи современ медиум како што се стрип-илустрациите и стрип-приказните. Преку проектните активности, учесниците се стекнуваат со вештини да го заштитат културното наследство и на креативен начин да го промовираат пред младите луѓе во Скопје и Македонија.
– Во проектите во текот на претходните две години учествуваа околу 50 учесници, од кои околу 40 успеаја успешно да ги завршат своите планирани илустрации и стрип-приказни. Учесниците беа со различни профили, средношколци и студенти од различни студии. Некои од нив беа студенти и дипломирани етнолози антрополози. Како резултат од стрип-работилниците и излегоа од печат „Оној свет“, „Двата света“ и „Стрипоскоп“ – вели Црвенковска Ристеска, која посочи дека нивните автори ги црпеле темите за обработка од архивот и библиотеката на Институтот за етнологија и антропологија.
Овој институт, истакна таа, изобилува со етнографски материјали собрани на теренските истражувања на професорите, кои биле и сѐ уште се дел од него и изобилува со стручна етнолошка, антрополошка и фолклористичка литература поврзана со народната македонска и балканска митологија и демонологија. Црвенковска Ристеска напомена дека тоа била базата врз која учесниците на проектот ги реализирале своите истражувања за божествата, митските ликови и демонски суштества и вели дека оттаму тие ја добиле претставата за локалните карактеристики на суштествата, божествата и за тоа какви карактеристики треба да носи илустрираниот лик.
– Ништо од она што ми го поставуваа како прашања мене не ми беше неочекувано, се разбира, тоа се млади луѓе што допрва се запознаваат со оваа проблематика. Некои од нив имаа само начуено одредени сегменти, да речеме ги познаваа до некаде словенските божества и нивните карактеристики. Имено, за нив беше поголемо изненадувањето, бидејќи неочекувано се соочија со една многу интересна, за нив, непозната сфера од нашата култура. На предавањата и во текот на работилниците им беше говорено за народните претстави поврзани со создавањето на земјата, човекот и сè околу него, светот на живите „овој свет“ и светот на мртвите „оној свет“, за комуникацијата меѓу овие светови што е нераскинлива, претставите за маѓепсничките месечарки, самовилите стии, караконџолите, вампирите и уште многу други народни претстави. Тоа многу им помогна во нивната работа додека го градеа својот илустриран лик – истакна раководителката на проектите.
Таа укажува и дека минатото лето, со четирите стрип-приказни, кои се наоѓаат во збирката „Оној свет“ од 2018 година, преведени на англиски јазик, учествувале на Саемот на стрипови во Белград, што било и услов за учество.
– Стрип-приказната на стрип-илустраторот Слободан Танасковски „Јован Попов и самовилата“, која е првата самовилска песна од Зборникот на Миладиновци, беше препеана на англиски јазик. Затоа, во оваа пригода сакам да му се заблагодарам на нашиот преведувач Јане Божиновски за неговото безрезервно вложување во преведувањето и препевот на самовилската песна на англиски јазик. Навистина не е лесно да се преведат и да звучат стрип-текстовите на англиски, како што звучат на македонски јазик. Оваа презентација надвор од Македонија и, секако, презентацијата на збирките во Македонија има одличен прием кај целната група, средношколците и студентите. Тоа може да се согледа преку фактот што откако збирките излегоа од печат, во краток временски период останаа мал број примероци од нив, од првата збирка скоро и да нема. Интересот да се добие примерок беше, но и сѐ уште е голем. Тоа значи дека, во најскоро време, ќе треба да ги препечатиме збирките – вели Црвенковска Ристеска.
Збирката „Стрипоскоп: стрип-приказни за градот Скопје“ содржи кратки стрип-приказни на македонски и англиски јазик, меѓу кои се и „Скопскиот акведукт и стијата“ и „Алти Ајак и проклетството на турбето“, кои на прва привлекуваат внимание. Информации за оваа, но и за другите две збирки може да добијат во библиотеката на Институтот за етнологија и антропологија.
Раководителката на споменатите проекти, Инес Црвенковска Ристеска, за годинава најавува продолжување на проектот „Градот Скопје и стрип илустрираните митолошки јунаци“ и нова збирка илустрации и кратки приказни, како и работа на нов проект со наслов „Баба Рога и другарите“, од кој е планирано да се издаде сликовница со стрип-илустрации наменета за деца и младинци во Македонија.
– Оригиналноста што ме привлече во овој проект е во посветеноста на истражувањето пред да се напише приказната, а потоа истата таа и да се нацрта во стрип. Младите автори научија многу за историјата на Скопје, како онаа вистинската, така и митолошката. Дознаа за приказни што ги прераскажувале нашите баби и дедовци, некои од нив денес и ги нема во печатна форма. На некој начин, стрип-работилницата во која учествував пробува да го задржи и збогати богатството на приказните што ги имаме. Доколку сакаме автентични приказни, оригинални јунаци, ова беше најдобриот начин како да ги прикажеме скопските митови – изјави стрип-сценаристот Давор Драмиќанин, чија улога во одржаната стрип-работилница беше насочување на студентите и средношколците при креирањето на стрип-приказните.