Во интересниот уметнички простор на фабриката за топови во Лондон (на Ешли Роуд, недалеку од подземната станица „Тотенхем Хејл“) е отворена импресивна изложба што го презентира славниот таван на Микеланџело во „Систинската капела“. Станува збор за претставување на ремек-делото на големиот мајстор на ренесансата со помош на развиени нови технологии. Сцените од „Систинската капела“ во Рим се репродуцирани на уникатен начин, користени се лиценцирани фотографии со висока резолуција. Посебна техника на печатење верно го поттикнува изгледот на оригиналот, до секоја слика има објаснување, а достапни се и аудиоводичи низ изложбата.
Прославените сцени на Микеланџело на оваа изложба се на висина на очите, во нивната оригинална големина, така што е можно да се набљудуваат и анализираат сите сложени детали на комплексното и слоевито ремек-дело. На растојание од само четири метри може да се проучат бојата, деталите, потезите на четката и начинот на сликање, структурата на целата композиција. Посебно е интересно одблизу да се погледне Создавањето на Адам, еден од најпознатите детали од таванот на „Систинската капела“. Адам е претставен во опуштена лежечка положба со испружена лева рака, која се приближува до Божјата подадена рака. Пред Микеланџело, Бог најчесто бил претставен како рака што минува низ облаците и покажува кон земјата. Микеланџело беше првиот што го прикажа Бог во облик на човек со мускулесто тело, со врамено лице со долга бела брада. Неговиот испружен показалец изгледа како да може да се движи во секој момент. А едноставната структура на сликата го симболизира потеклото на човештвото, како и божественото чувство на првиот човек.
Големата патувачка изложба на Микеланџело е уникатен и оригинален потфат, кој им овозможува на заинтересираните љубители на уметноста да го видат величественото дело како целина, и оние што веќе го виделе во Рим и оние што немале можност да го видат во живо.
„Систинската капела“ е најпознатата капела во Апостолската палата, официјалната резиденција на папата во Ватикан. Капелата се наоѓа во рамките на „Музејот на Ватикан“, а позната е по својата архитектура и фрескодекорација – покрај Микеланџело, ја насликале и Рафаел, Бернини и Ботичели. Од 1508 до 1512 година, Микеланџело го насликал таванот од 1.100 квадратни метри на „Систинската капела“. На големите ѕидни површини, ренесансниот гениј го ширел својот раскошен талент. Густите композиции како тема имаат настани од Стариот и Новиот завет, од приказната за создавањето на човекот до Страшниот суд. Големиот уметник најпрво сакал да направи мавзолеј за папата Јулиј Втори (бидејќи се доживувал себеси како скулптор), но сепак се согласил да ја наслика капелата. Папата Јулиј Втори првично сакал темата да биде Дванаесетте апостоли, но Микеланџело се одлучил за сложена таванска фреска составена од голем број различни сцени.
Сликите на таванот на „Систинската капела“ и нивниот распоред, како и начинот на компонирање на уметничката тема, отсекогаш биле интригантни. Познатиот уметник ја насликал приказната за создавањето, но на свој начин. Во композицијата вклучил и сцени од животот на Ное, како и разни дополнителни библиски сцени. Делата во „Систинската капела“ низ вековите се нагризани од забот на времето – нов сјај им донесе сеопфатната реставрација во текот на 1980-тите и 1990-тите години. Реставрацијата откри богатство на бои на ѕидните и таванските фрески и придонесе за нов поглед на ренесансното ремек-дело.
Изложбата на „Систинската капела“ на Микеланџело, која ќе трае до втори јануари следната година, беше реализирана благодарение на дигиталните технологии и идеи од „СЕЕ глобал ентертејмент“, семејство компании специјализирани за глобални уметнички турнеи. Изложбата досега беше претставена низ светот – во Шангај, Чикаго, Феникс, Берлин, Виена. Годинава, покрај во Лондон, може да се види и во Лос Анџелес, Њујорк, Мексико Сити, Сан Франциско.