Изложбата „Африка во Македонија“ ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во изложбените сали на Музејот на Македонија. Изложбата е од единствен карактер бидејќи првпат на едно место се прикажува исконската поврзаност помеѓу Македонија и Африка, која започнува во предисторијата и трае до денес.
Во рамките на изложбата ќе бидат презентирани повеќе археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали што ги истакнуваат културните, историските, религиските и политичките врски помеѓу овие навидум далечни простори.
Автори на изложбата се Гоце Наумов и Никос Чаусидис. Таа се реализира во соработка помеѓу Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј на Македонија, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Музејот на градот Скопје, Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола и Националната установа Стоби. На изложбата исто така ќе бидат претставени повеќе африкански ракотворби и фотографии од личните колекции на Мирослав Масин, Роберт Смилески, Јасмина Никуљска, Петар Јовановски, Кристина Бицева, Билјана Јурукоски, Филип Кондовски и „Скопскиот џез-фестивал“.