Реномираната софиска издавачка куќа „Изида“, во својата едиција „Европски роман“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, го објави романот „Нишан“ на Блаже Миневски на бугарски јазик. Македонскиот бестселер, чие шесто издание деновиве излегува во издавачката куќа „Три“ од Скопје, од македонски го преведе угледниот бугарски писател и преведувач Мариан Петров.
Според најавата на издавачот, романот „Нишан“ е возбудлива приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за победата како пораз и за поразот како победа.
Освен на бугарски јазик, романот „Нишан“, добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“, досега е објавен и на англиски, италијански, српски, ерменски, кинески, словенечки и арапски јазик, а наскоро ќе биде објавен и на полски јазик во Варшава.