Деведесет години од „Стихови и дописки до Раца“
Данило Коцевски пишува во неколку наврати за цела галерија девојки во кои Рацин бил вљубен и на кои им пишувал писма, им посветувал песни. Љубовната лирика на Рацин не е доволно проучувана. Во нашата поширока јавност е создаден генерален и, главно, погрешен впечаток дека единствената голема љубов на Рацин е велешанката Раца Фирфова-Ѓоргова, според чие име тој станал познат и препознатлив, како поет и како револуционер
Родоначалникот на современата македонска литература Кочо Рацин во текот на својот 35-годишен живот, на литературата ѝ посвети неполни петнаесетина години. Но тие негови творечки 15 години стануваат моја страст и сериозно професионално истражувачко поле. Како резултат на таа моја приврзаност кон неговата поетика се случува и магистерскиот труд (1996 г.), од кој излегува и книгата „Рацин и експресионизмот“, како и редица научни трудови публикувани во земјата и во странство. Книгата „Рацин е експресионизмот“ носи и една емотивна/семејна нота, зашто на корицата (на лицето и на опачината), покрај Рациновите стихови, мојата сестра Маја Мојсова (инаку лекар-анестезиолог, која кон крајот на минатиот век му беше модел на познатиот фотограф Ѓорѓи Христовски) ѝ го позајми својот лик на Рациновата муза.
А големиот Рацин стартува во 1928 година со творби пишувани на тогашниот српскохрватски јазик, официјалниот јазик на Кралството Југославија (и тоа со песната „Синови глади“ и прозниот автобиографски труд „Резултат“), за во наредниот десетгодишен период да објави низ југословенската периодика нови поетски и прозни творби, чиј обем само во доменот на поетското создавање го надминува оној што е создаван на македонски јазик. А првпат дебитира на македонски јазик со песната „До еден работник“ дури во 1936 година. Литературната генеза на авторот на „Бели мугри“ (Самобор, 1939), всушност започнува со испишувањето околу триста реда во стих и проза, во вид на триесет и една дописна картичка „Стихови и дописи Раци“ („Стихови и дописки до Раца“), кои, пак, се органски дел или комплементарно дополнување на ракописната збирка „Антологија боли“ („Антологија на болката“), составена од 19 песни напишани на српскохрватски и пет песни на бугарски јазик. Овие стихови, создавани во периодот од 1928 до 1929 година се лирика на неговата рана младост. Тие се првите стапки на идниот поет. Прашањето за ова Рациновото творештво и особено прашањето за релацијата Рацин и експресионизмот стојат пред нас со една нужна сериозност. Впрочем, и тогашната социјална лирика црпи низа формални елементи токму од експресионистичката поетика. И од аспектот на историјата на македонската литература и од теорискиот аспект, еден ваков пристап е корисен во прилог на интегралното презентирање на Рацин кај нас, но и во светот.
Колку елементите карактеристични за поетиката на експресионизмот се присутни во Рациновата лирика на српскохрватски јазик (поим што покрај циклусот „Ватромет“ („Огномет“), инаку песни објавени во тогашната југословенска периодика, ги опфаќа и „Стихови и дописки Раци“ и ракописната збирка „Антологија боли“)? Оваа дилема се наметнува зашто во времето кога настануваат овие стихови (1928-1938), експресионизмот, како програма и литературна актуелност, е мртов. Но поетички тој сè уште живее, особено преку низата формални елементи што се дел од новата левоориентирана и социјална лирика. Така, најистакнатите јужнословенски претставници на експресионизмот по својот прв занес ја прифаќаат левата ориентација, со што стануваат гласници на пролетерските револуционерни стремежи (како Мирослав Крлежа, Аугуст Цесарец, Гео Милев…). Истражувањата во тој правец покажуваат дека Рацин припаѓа кон експресионистички обоените, и тоа кон активистичко експресионистички обоените поети.
Навистина е штета што Рацин нема да се појави на литературната сцена со одделната книга стихови „Антологија боли“ („Антологија на болката“) во 1929 година, кога во Македонија се инсистира на фолклорниот реализам, на регионализмот, на етнографско-битовата компонента во литературната уметност.
Болката како мотив во Рациновата лирика пишувана на српскохрватски јазик се артикулира докрај. На почетокот таа е повеќе крик на болка, придушен крик на една длабока, суштинска болка. Лирскиот субјект неа ја искажува суптилно и притаено. Кога ја артикулира во вид на прашање изразено со крик, без одговор, тој го прави тоа зашто ја чувствува нерешлива и вечна. Тука се препознава оној комплекс од чувства што во народното пеење го опфаќа синтагмата прва изгора, кој подразбира и болка од невозвратена љубов и болка од измамени чувства, зашто понекогаш љубовта може да биде погрешно насочена или погрешно одбрана. Така, во далечната 1928 година, точно пред 20 години од првата збирка „Земјата и љубовта“ (1948) на Блаже Конески и пред 40 години од „Дениција“ (1968) на Петре М. Андреевски, Рацин преку дописките, а потоа и преку ракописната збирка „Антологија на болката“ ни остави стихови инспирирани од жената и изречени како нејзина прослава, кои извонредно ги преведе/препеа Гане Тодоровски:
Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност,
кондензиран воздив по тебе, Антологија на болката… и мое портре ако побараш…. Капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе….
Моето идно име – ме врзува засекогаш со тебе…
… Прости ми или проколнувај – сеедно,
А јас сè љубам, сè проштавам, и сè заборавам…
Едно само жалам: што не ја чув Смислата преку звукот на твоите зборови… или барем нивната трага со мастило…
… А сега – збогум…
Збогум ти Минато мило! Збогум ти срце од камен!…
Збогум… за секогаш…
Велес, октомври 1928.
К. Рацин
(дописка бр. 15, Раскрсница)
Впрочем, прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка (Раца) Фирфова (која oд 1939 му е сопруга на Никола Ѓоргов од Велес). Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зема од својата втора љубов – Невенка Вуиќ. Но, од друга страна, истражувачот и книжевен историчар и хроничар Данило Коцевски пишува во неколку наврати за цела галерија девојки во кои Рацин бил вљубен и на кои им пишувал писма, им посветувал песни.
Љубовната лирика на Рацин (и таа според Данило Коцевски, но и според Гане Тодоровски и Блаже Ристовски, не е само во овие дописни картички и во ракописната збирка „Антологија на болката“) не е доволно проучувана. Во нашата поширока јавност е создаден генерален и, главно, погрешен впечаток дека единствената голема љубов на Рацин е велешанката Раца Фирфова-Ѓоргова, според чие име тој станал познат и препознатлив, како поет и како револуционер.
Првите Рацинови симпатии и првите негови љубовни писма се упатени до „г-ца Магдалена“. Како што наведува и Блаже Ристовски, станува збор за Магдалена Тошева, млада велешанка, ученичка. Рацин вака го започнал писмото до неа: Обожавана г-це Магдалена! Суштество кое го сакам повеќе од себеси, тоа сте Вие! Во писмото се потпишува како „Константин Солевиќ“.
Потоа, една друга млада дама го окупира вниманието на Рацин и ги разбранува неговите интимни чувства. Тоа е ќерката на сопственикот на хотел-ресторанот „Београд“, кој се наоѓал на Железничката станица во Велес. Нејзиното име е Даница Миладиновиќ, ученичка во гимназијата во Велес. Рацин вака ѝ пишува: Данице! Пламенот на љубовниот оган што го добив од Вас сè уште гори. Особено во овие последни денови… Љубовта е балсам кој го опива човекот и доведува до највозвишени чувства и најголема среќа… Јас Ве сакам и ќе ве сакам сè до гробот. Потпис: „Вљубениот К. Солевиќ“.
Сепак, името на Раца, Рахилка Фирфова, подоцна Ѓоргова, Кочо Солев го зеде за свое презиме и со него стана познат и препознатлив како поет и револуционер. Кога се вљубува во неа, Рацин има 19 години, а таа е неколку години помлада од него, ученичка во велешката гимназија. На една од картичките (под број 2) со крв е напишан само потписот „K. Racin“, а најголемиот број од картичките се потпишани со „Бесмртна Љубав“! Тој постојано ѝ пишува картички, со нежни изливи на љубов, поезија и воодушевување. Но тоа е невозвратена љубов, еднострана, како љубовен занес само на поетот. „На сите молби и проколнувања – таа останува нема“, велат истражувачите.
Збирката „Антологија на болката“, која ѝ ја посветува и која сака да ѝ ја подари, Рацин ја испраќа по нејзината школска другарка и пријателка Невенка Вуиќ. И токму тука, во тој период, настанува најголемиот заплет во љубовниот и, воопшто, во животот на Кочо Рацин. Невенка Вуиќ подоцна ќе стане големата, ако не и најголемата љубов на поетот. Играно-поетскиот филм „Елегија за тебе“ на авторите Васил Зафирчев и Данчо Стефков и музички обоен од страна на Калиопи говори токму за Рациновата голема љубов и вистинска инспирација.
Во еден краток период, како што претходно споменавме, Рацин се потпишува и со псевдонимот Невен Пејко. Според професорот Георги Шоптрајанов, се чини дека Рацин во тоа време бил вљубен во една од сестрите од велешкото семејство Пејкови (најверојатно Родна). Името во псевдонимот е земено од Невенка (Вуиќ), а презимето од Пејкови (од Родна Пејкова).
Во своите спомени, Лилјана Чаловска наведува дека за време на илегалните денови во Скопје се родила некаква симпатија меѓу нив двајцата, дури и дека Рацин ѝ подарил негова книга на интимна лирика, со акростих што го сочинувал нејзиното име. Наведува, исто така, дека за време на претресот на полицијата книгата исчезнала и никогаш не била пронајдена.
Но да им се вратиме на љубовните стихови испеани во име на љубовта кон Раца-Рахилка Фирфова. Кај Рацин болката е предизвикана од чувството на неразбраност и неприфатеност (во дописките и во збирката „Антологија на болката“), но и од сферата на социјалното, кое се интериоризира и интимизира (во циклусот „Огномет“).
… Сино парче небо во двата прозорца,
и мојата душа рефлектирана во него.
Форма: Време, февруари – јуни – октомври.
Содржина: Конгломерат од болка, јачкања, патила, восклици, соништа, занеси, визии и болка… болка… и рана…
Резултат: Саката смисла, гол занес, бели соништа, и црна наметка како подарок од болката, едно портре… и ништо повеќе…
… Акорд од липања и болка…
дописка бр. 14, Разултат
Веќе по својата збирка „Антологија на болката“ Рацин нема да припаѓа само на себе: ќе ù припаѓа на класата, најпрвин, подоцна и на нацијата, со полна свест за таква определба, па постепено ќе ги напушта субјективните теми – интимниот мотив му го остапува местото на социјалниот, субјективниот, пишува Гане Тодоровски, иако и таму т.е. и оваа збирка се отвора со Прологот кој гласи:
Го посветувам:
На русата коса
На Бесмртната Љубов
Откинувам од срце атом Болка
И Тебе ти го подарувам –
За да го престориш во Наслада…
Ова негово движење, кое Гане Тодоровски ќе го именува како движење од исповед кон проповед се должи на следново: љубовта што тој ја доживува како отфрленост, а отфрленоста како пораз, условуваат чувството на љубов и желба т. е. eros да премине во pathos. Така е во „Стихови и дописки до Раца“ и во ракописната збирка „Антологија на болката“. Во циклусот „Огномет“ eros преминува во жед за живеење и затоа тој добива облик на bios. Оттаму доаѓа преобразбата на болката во омраза и израснувањето на непомирливиот Човек токму од таа омраза. Триесет и едната дописка, ракописната збирка „Антологија на болката“ – мал мозаик од восклици, лирски, кратки, патетични и екстатични, како што пишува Гане Тодоровски, како и циклусот „Огномет“ – песни со социјалната тематика објавени во југословенската периодика, за нашата литературна наука многу значат. Тие ги откриваат Рациновите поетски почетоци, го откриваат и неговото трагање по вистинскиот израз. Ова трагање, пак, го доведува самиот поет до човечкиот примарен израз – до крикот, израз што ја уништува синтаксата, го негира артикулираниот збор: тој израз-крик не е човечки, туку претставува крајна афирмација на човечноста во крајни егзистенцијални ситуации.
Весна Мојсова-Чепишевска