По три години работа на изложбата во Рим, која е осигурена со неверојатни четири милијарди евра, Рафаел заврши во „карантин“
Големата ретроспектива на уште поголемиот мајстор Рафаел Санти да Урбино, познат само како Рафаел, организирана во рамките на одбележувањето на 500 години од неговата смрт во римската Квириналска палата, само три дена подоцна е затворена. Одлуката ја донесе владата поради експанзијата на коронавирусот.
– Изложбата останува затворена до новата одлука на Владата, а посетителите што имаат купено влезници ќе бидат контактирани во најбрз рок – стои во официјалната објава на музејот.
Но изложбата, проследена со невиден публицитет, привлече голем број посетители. Само преку интернет пред самото отворање се продадени рекордни 70 илјади влезници, а бидејќи требаше да трае до 2 јуни, за само три дена, колку што беше отворена, поради понудата на повеќе од 200 дела на овој ренесансен гениј, се очекуваше уште поголем интерес. Сега, по три години работа на изложбата, која е осигурена со неверојатни четири милијарди евра, Рафаел – заврши во „карантин“.
Освен вирусот, голем број стручњаци и пред отворањето се двоумеа дали треба да се донесе портретот на папата Леоне Џ. и на двајцата кардинали од фирентинската галерија „Уфици“, а стручниот одбор на галеријата одлучи дека сликата поради својата кревкост не смее да оди на пат, па сите членови на одборот поднесоа оставка откако директорката на „Уфици“, Германката Еике Шмит, го занемари нивниот став и одлучи делото сепак да оди во Рим.
Дури 40 дела од музејот во Фиренца всушност допатуваа во римската Квириналска палата, а Рафаеловиот портрет на папата Леоне Џ. е едно од 24-те дела што, според ставот на стручниот одбор, не би смееле да се поместуваат од „Уфици“. Преостанатите дела на Рафаел за римската изложба стигнаа од „Лувр“, лондонската Национална галерија, мадридскиот „Прадо“ и Националната галерија во Вашингтон.
Едно од делата со непроценлива убавина што е изложено е портретот на љубовницата на Рафаел, Маргарита Лути, која Рафаел ја нарекол Ла Форнарина (Ќерката на пекарот). Овој портрет е позајмен од римската галерија „Национале д’арте антика“ и, покрај Мона Лиза, е еден од најмистериозните женски портрети во историјата на уметноста.
– Интересна е коинциденцијата дека и Рафаел умрел од инфекција – изјавила директорката на галеријата „Уфици“, Еике Шмит, приклонувајќи се на Вазариевите контроверзни ставови стари речиси половина милениум околу смртта на Рафаел.
Засега не се знае кога ќе биде отворена повторно изложбата ниту што ќе биде со другите манифестации поврзани со јубилејот на Рафаел. Освен во Рим, 200-годишнината требаше да се одбележи и во Урбино, неговиот роден град во средна Италија, како и во Милано.