Вечерва, со почеток во 20 часот, во киното „Фросина“, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Скопје, ти раскинуем“ од Тамара Јолевска-Попов. Книгата е во издание на ПНВ „Публикации“ од Скопје. Збирката содржи четириесетина раскази посветени на Скопје, како хронотоп. Промотори се: Душко Крстевски, Ѓоко Здравевски и Деспина Мукоска, а извадоци ќе чита Томе Станковски.
– Овие прозни записи се одлична закуска додека се возите во автобус, додека мечтаете на плажа, додека го пиете попладневното кафе дома или пивото во градскиот парк, додека децата се на најблиските лулашки. Со кратко читање на овие микрораскази и подолго размислување за нив, оваа книга е совршена џебна енциклопедија на љубовта, урбаната егзистенција, стравовите, кошмарите и созерцанијата. Со оваа книга Тамара дефинитивно „раскинуе“ со Скопје, но не и со нејзините читатели – вели Душко Крстевски за книгата.
Тамара Јолевска-Попов е авторка на збирката раскази „Ге-дур“ и на неколку необјавени драмски текстови. Во моментов работи како лекторка на универзитетот „Американ колеџ“.