Издавачкиот центар „Три“ денеска, во 19 часот, ќе ја промовира новата книга „Сакам, значи постојам“ на новинарката и активистка Ана Јовковска. Промоцијата ќе се одржи во арт-локалот „Ли“.
Книгата е натопена во љубов, животни искуства, болка, слобода и радост.
Обликувана како отворен разговор во и надвор од себеси, Ана тргнува од Декартовата максима „мислам, значи постојам“, која како жена и мајка, ја трансформира од мислам во чувствувам и сакам. Романтична и храбра, новата книга на Ана ја буди најдобрата верзија во секого од нас.
Книгата ќе ја претстави писателот и професор Александар Прокопиев, а настанот е замислен како мултимедијална синтеза од разговор, музика и дружење.
Ова е третa книга на Ана Јовковска. Досега ги има објавено „Пулсот на времето“ (2015) и „Ехо на слободата“ (2018). Активна е на социјалните мрежи, а пишува и колумни за списанието „Портрет“.