Промоција на книгата „Поезијата и возвишеното“ од Иван Џепаровски, во издание на „Ми-ан“, ќе се одржи утревечер, во 19.19 часот, во „Салон 19,19“ во КИЦ.
Теориско-критичкиот пристап во оваа студија се однесува на категоријата „возвишено“ и на релацијата „поезија – возвишено“ во втората половина на 20 век и првите децении на 21 век, во контекст на македонската современа поезија и во распонот од „деконструктивистичкото возвишено“ на Жак Дерида, „постмодерното возвишено“ на Жан Франсоа Лиотар, па до критичкиот однос кон ваквото постмодернистичко разбирање на возвишеното во неопостмарксистичкиот пристап на Фредрик Џејмисон и Тери Иглтон.
Книгата ќе ја промовираат Лидија Капушевска-Дракулевска и Лорета Георгиевска-Јаковлева, а модератор е Мишел Павловски.
Иван Џепароски е филозоф, теоретичар на културата, поет и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што магистрирал и докторирал. Автор е на дванаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија и на пет поетски книги, за кои ги има добиено наградите: „Млад борец“, „Димитар Митрев“ и „Парадигма“. Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор. Бил и раководител на Институтот по филозофија и секретар на Македонскиот ПЕН-центар.
Преведувач е на В. Блејк, Џ. Џојс, Ј. Бродски, Д. Хјум, Е. Берк и антологичар.
Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод. Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на повеќе јазици во светот.