Во книжарницата на „Литература.мк“ во Скопје, вечерва, во 19.30 часот, ќе биде промовирана книгата „Дремката на облакот“ – хаику-поезија од младата поетеса Софија Бислимоски. Проектот е изработен во текот на оваа учебна, на часовите за креативно пишување во „Арс вивенди“, студио за креативно пишување, под менторство на Дијана Петкова. Збирката содржи осумдесет хаику-песни, а сликата за корицата ја изработи сестрата на Софија, Нена Бислимоски.
Промоторка и рецензентка е Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет. Издавач е „Либиа“, дел од „Арс ламина-публикации“, а збирката е објавена во рамките на едицијата „Млади креативци“. Стиховите ќе ги чита авторката.
Софија Бислимоски е коавторка на книгата „Тивките сили на духот“, а по објавувањето на збирката поезија „Мисли молкома“, минатата година, ова е нејзина втора книга. Песните на Софија се објавени и во дневниот весник „Нова Македонија“ во прилогот за деца „Колибри“.