Младинскиот културен центар повикува млади независни и неафирмирани автори на возраст до 30 години да се пријават на новиот проект „Сурова култура“, што планира да го организира четири пати годишно и на крајот на секое тримесечје да им даде простор да покажат што создаваат.
– Ако правите авторска алтернативна музика, создавате уникатни уметнички дела, театар, пишувате проза/поезија или драми… пишете ни на [email protected] и покажете ни што работите. Предност ќе имаат апликантите што дејствуваат во сферата на некомерцијална, супкултурна и алтернативна уметност – наведува МКЦ во повикот.
Заинтересираните треба да пратат кратка биографија, линк до нивните инстаграм-профили, фејсбук-страници или јутјуб-канал на кои ја претставуваат својата уметност или, доколку не се на социјалните медиуми, своја творба да пратат на наведената електронска адреса. Тимот на МКЦ до 15 март 2019 ќе направи селекција на пристигнатите апликации и ќе ги избере најдобрите десет. Тие потоа ќе учествуваат на еднодневен мултимедијален настан, на кој ќе бидат претставени нивните дела.
Во однос на продукцијата на делата што ќе бидат претставени, Младинскиот културен центар ќе учествува со своја опрема, простор и логистика.