,,Унгарските музички уметници на македонската културна сцена“ е насловот на истражувањето што денеска, во 12 часот, ќе биде презентирано на универзитетот ЕФТА. Со него е анализирана застапеноста на унгарските уметници во Македонија од периодот на формирањето на Македонската филхармонија до денес при што се изведени и одредени заклучоци, а планирано е резултатите да бидат и публикувани во септември.
Овој проект содржи информации и за настапите на унгарските уметници и во Операта, Балетот, на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“, како и на Македонската телевизија, а истражувачи се автори што досега објавиле поголем број стручни трудови од областа на музиката, балетот и телевизискиот медиум: Елени Новаковска, Александар Трајковски, Соња Здравкова Џепаровска, Јулијана Папазова и Весна Малјановска. Проектот е реализиран со поддршка од унгарската амбасада во земјава.