Добитници на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македониjа“

Во изминатиот период во нашата редакција се јавија авторите на наградените раскази на годинашниот Конкурс за краток расказ на „Нова Македонија“, за кои одлучуваше комисијата во состав: Александар Прокопиев, селектор, и Весна Дамчевска, уредничка на редакцијата за култура и претставничка на „Нова Македонија“.
Автор на првонаградениот расказ „Ронка леб“ е Лилјана Пандева, втората награда за „Татко“ ја добива Светлана Камџијаш, а третата награда за „Посета“ – авторката Катерина Илиќ. Автор на расказот „Бегство“ што доби откуп е Владо Јаневски, а Марина Димитриева Ѓорѓиевска е наградената авторка за расказот „Аџи Харалампие“. Во наредниот период очекуваме да се јави и авторот што засега од непознати причини за нас сѐ уште не ѝ познат на Редакцијата. Станува збор за добитникот на откупната награда за расказот „Еден убав сончев ден“ (пријавен под шифрата: 1123581321 Ф).
За првонаградениот расказ, „Ронка леб“, Александар Прокопиев вели дека има еден многу оригинален пристап и дека е расказ што е страшно автентичен.
– Во него, главниот маргиналец, така би го нарекол, е даден без никаква жалопојност, тоа е лик што освојува со своето снаоѓање во најситните детали на животот, кој во случајов вооппшто не е милосрден кон него. Сепак, наоѓа разни начини, кои се трагикомични, но дејствуваат многу силно – вели Прокопиев.
Авторката на овој расказ, Лилјана Пандева, е позната на домашната книжевна сцена со книгите: „Новогодишни едночинки“, драмолети за деца во стих, поетската збирка „Љубов од А до Ш и обратно“, збирките раскази „Возовите на Луцерн“, „Канцелариски колумни“, „Класифицирано“, романите „Од агендата на Калина Калин“, „Дневници на една љубов“, „Доилката“, добитничка на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, „Два Божика“, како и на поголем број научни трудови од областа на македонистиката и книжевната критика. Минатата година ја доби и престижната награда „Григор Прличев“ за поема.

Во 2019 година, Пандева доби откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за расказот „Дупка“.
Второнаградениот расказ „Татко“, според Прокопиев, е напишан од човек што е писател со високо ниво и од формална страна не може да се најде забелешка, особено пофални зборови одат на сметка на водењето на дејството и на решавањето на заплетот. Авторката на „Татко“, Светлана Камџијаш, предава филозофија, естетика и етика на Педагошкиот факултет во Скопје. Досега објавила повеќе книги од областа на филозофијата: „Ведите и Упанишадите – сликата на светот“, „Крајната слобода во философијата веданта“, „Од брегот на реката Ганг“ и „Шест Упанишади“, како и две поетски книги: „Чекори во летот“ и „Небо-индиго“. Лани ја објави збирката „Приказни на тивок оган“. Во 2017 година Камџијаш ја доби третата награда на Конкурсот на „Нова Македонија“ за расказот „Љубовта на клавиристот“.
– Третонаградениот расказ „Посета“ е невообичаен по умешното водење на дијалогот, речиси целото дејство е водено во дијалог помеѓу две личности што се разбираат и не се разбираат истовремено, а постои и трет лик, кој е многу важен. Во расказот писателот многу добро и психолошки точно владее со дијалогот – вели Прокопиев.
Авторката на овој расказ, Катерина Илиќ, се занимава со пишување од рани години, но досега нема објавено книга.
Според жирито, трите раскази што годинава добиваат откупни награди носат свој писателски микросвет што плени за време на читањето и претставуваат успешна смеса од духовитост и откачено гледање, а допираат и до суштински работи што ни се случуваат во секојдневниот живот и сите, помалку или повеќе, нѐ оптоваруваат, но сето тоа тука е извадено на лежерен и успешен начин.

Авторот на расказот „Бегство“, Владо Јаневски, е мултимедијален уметник: писател, сликар, фотограф, стрип-автор и светски патник, кој последниве неколку децении живее во Сиднеј, Австралија. Лани ја доби книжевната награда „Пегаз“ за романот „Мртвите знаат најдобро“. Автор е и на романот „Чудо зад аголот“, „Под друга капа“ и „Made in Jabana“ и на збирката раскази „Нема враќање“. Повеќепати бил наградуван на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“, а застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“ и „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ и „Балкански книжевен гласник“. Наскоро ќе биде објавена неговата прва книга за деца „Луѓето и змејовите“.
Марина Димитриева Ѓорѓиевска, наградената авторка за расказот „Аџи Харалампие“, е советничка по наставниот предмет Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Како што вели, постојано пишува раскази, но досега нема објавено авторска книга.


Главни награди

Прва награда: Лилјана Пандева за „Ронка леб“
Втора награда: Светлана Камџијаш за „Татко“
Трета награда: Катерина Илиќ за „Посета“

Откупни награди

Владо Јаневски за „Бегство“
Марина Димитриева Ѓорѓиевска за „Аџи Харалампие“

(Авторот на „Еден убав сончев ден“, испратен под шифрата: 1123581321 Ф, сѐ уште не ѝ е познат на Редакцијата. Очекуваме да се јави во наредниот период)