ГОДИНА НА ХИПХОПОТ (2)

Приказната за хипхопот започнува во Бронкс, Њујорк, во средината на 1970-тите години, и се проширува во другите њујоршки квартови: Харлем, Бруклин и Квинс. Тоа е време кога во американските гета се раѓа нова култура, нов начин на живот, поинаков од оној што се живее на Волстрит. Оваа култура, позната под името хипхоп, има свој предводник – рап-музиката, која на почетокот е мешавина од песните што во минатото ги пееле црните робови на големите полиња за памук, со џез-песните од 1970-тите години, како и од госпелот, блузот и фанкот.

За татко на хипхопот се смета дека е Кул Херк, кој со своите забави, наречени „блок партис“, кои ги организира на улиците на Њујорк, предизвикува културна револуција во самото гето. Рап-музиката што се појавува како производ на расната и социјалната дискриминација исто така претставува феномен, затоа што првпат во историјата на музиката се воведува бестонски аспект на вокализација, односно за првпат на една мелодија не се пее, туку се рецитира. Еден од главните креатори на хипхопот е и Африка Бамбата, кој подоцна ја оформува легендарната организација „Зулу нејшн“, составена од брејкденсери, односно танцувачи, диџеи, односно пуштачи на музика, и емсија, односно господари на церемонијата, луѓе што рапуваат.

Развојот на хипхоп-културата и на рап-музиката како нејзин водечки елемент можеме да го определиме во четири фази. Првата е „олд скул“, од средината на 1970-тите до 1986-та. Сите текстови од овој период се под влијание на фанкот и се исполнети со досетливи рими. Втората фаза се златните години на хипхопот, од 1986 до 1993 г. Ова е период на најголемиот подем на хипхопот и бум на рап-музиката надвор од границите на гетото, период на појава на злогласниот гангста рап, но и на неговиот опозит, социјалниот и политичкиот рап. Третата фаза, која трае до 1999-та, е ерата на модерниот рап-звук, во која сѐ повеќе внимание им се посветува на рап-ритамот и на целокупната продукција. Четвртата фаза е комерцијалниот рап, кој се појавува во 1999 г., со појавата на Еминем. Оваа фаза трае до денес и се одликува со влез на рапот во сите сфери од општествениот живот, но со тотално променета идеологија во однос на претходните три фази, односно во овој период, пред сѐ се напуштаат политичките барања на хипхопот.

Славчо Ковилоски