Од денеска почнуваат активностите поврзани со тековното одржување и систематските археолошки истражувања на две локации од локалитетот Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичкото време кај нас. Исто така, ќе почне и непосредната заштита/ конзервација на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти се предвидени во Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура, а ќе ги реализираат стручни екипи на Музејот на градот Скопје.
Под водство на Марина Ончевска-Тодоровска, археолог, кустос-советничка, ќе се реализира проектот „Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум)“, кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта – римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.
Исто така, под водство на Ленче Јованова, археолог, кустос-советничка, ќе се реализира проектот „Скупи – комплекс Градска вила и Базилика со крстилница“, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила, која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период, и Ранохристијанска базилика со крстилница од 6 век.
– Стручните екипи на Музејот на градот Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години. Покрај тоа, ќе се преземаат активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот (физичко обезбедување и одржување на локалитетот Скупи), се одвиваат во текот на целата година. Сиве овие активности се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотноправни односи, кој е во владение на Музејот на градот Скопје (т.н. Археолошки парк Скупи). Проектите ќе се реализираат во периодот од 5 мај до 30 декември годинава – информираат од Министерството за култура.