Светот е сцена
Со објавувањето на книгата „Глобална уметност“, авторката Џесика Лак претставува неколку пионерски модерни уметнички движења од 20 век произлезени од политичкиот ангажман, деколонизацијата, маргинализацијата и конфликтите.
Школата Бенгал, Индија и Бангладеш, 1900-тите
Во 1909 година, културниот теоретичар од Шри Ланка, Ананда Кумарасвами напиша: „Слабоста на нашето национално движење е што не ја сакаме Индија; ја сакаме приградската Англија, го сакаме удобниот буржоаски просперитет што треба да се воспостави еден ден кога ќе научиме доволно наука и ќе заборавиме доволно уметност за успешно да се натпреваруваме со Европа“. Централно место во антиимперијалистичката дебата беа уметниците со седиште во Владината школа за уметност во Калкута. Предводена од Абаниндранат Тагоре, внук на ренесансниот поет и мислител Рабиндранат Тагоре, групата промовираше мистична модерна уметност, која се базираше на техники од Истокот и го отфрлаше влијанието на Западот.
Стридентизам, Мексико, 1920-тите
Една ноќ во декември 1921 година, на ѕидовите на Мексико Сити се појави манифест. Неговата реторика беше толку провокативна што се чинеше дека изобилува со бујна енергија на борец на награди. Напишан од еден млад субверзивен поет, наречен Мануел Мајплс Арс, манифестот ги поттикна мексиканските интелектуалци да го искористат денот и да престанат да живеат во минатото. „Смрт за отец Идалго, долу Сан Рафаел и Сан Лазаро!“, напиша поетот, осврнувајќи се на големиот херој на мексиканската независност и на двајца почитувани светци. Текстот го цитираше и футуристичкиот манифест на Филипо Томасо Маринети – „Автомобил во движење е поубав од Победата на Самотракија“. Ова беше раѓање на стридентизмот, литературно и уметничко движење што ги вгради европските модернистички трендови, како што е футуризмот, со мексиканскиот арт нову и арт деко.
Антропофагија, Бразил, 1920-тите и 1930-тите
Во 1928 година, поетот Освалд де Андраде (1890-1954) се обиде да го скандализира бразилското општество надвор од својата културна летаргија, со провокативна идеологија наречена антропофагија (буквално значи „канибализам“). Тврдејќи дека најголемата сила на Бразил во минатото била во проголтување на неговите колонијални угнетувачи за да се постигне автономија, тој изјави дека должност на Бразил е да го стори истото тоа со европската култура за да создаде уникатен бразилски модернизам.
Сопругата на Андраде, Тарсила до Амарал (1886-1973), беше една од водечките уметници на групата. Студирала во Париз, кај францускиот модернист Фернан Лежер (1881-1955), каде што ги открила анархиските чувствителности на париската авангарда.
Египетски надреализам, Египет, 1940-тите
„Уметност и слобода“ била египетска надреалистичка група што се појавила во Каиро на средината на 30-тите години од минатиот век. Во 1937 година го објавила манифестот наречен „Да живее дегенерираната уметност“, со кој изразила солидарност со авангардните уметници и писатели што биле прогонувани во нацистичка Германија. Основана од Жорж Хенеин, револуционерен египетски поет што пишувал полемики за автократската природа на египетските културни институции, групата посветила голем дел од своите резултати за истакнување на екстремните нееднаквости на египетското општество.
Групата Калкута, Индија и Бангладеш, 1940-тите и 1950-тите
Во 1943 година, осум амбициозни млади уметници се состанаа во Калкута за да разговараат за кризата во индиското сликарство. Многу уметници беа под влијание на Бенгалската школа, но беа разочарани од неможноста на движењето да ги препознае напредоците во модерната уметност. Како посветени револуционери и антиколонијалисти, овие уметници исто така веруваа дека индиската уметност треба да ја одразува состојбата на нацијата. Основачите на групата Калкута, Субхо Тагоре, Гопал Госе и Паритош Сен, беа обединети со заеднички грижи за неодамнешните социополитички катастрофи во регионот.
Прогресивна уметничка група, Индија од 1940-тите до 1950-тите
Влијателната но краткорочна група на прогресивни уметници е формирана во Мумбај во 1947 година, за време на индиската независност. Нејзин главен основач и портпарол беше провокативниот уметник Франсис Њутн Соуза (1924-2002), харизматична и бунтовна личност, кој бил протеран од уметничкото училиште за правење порнографски цртежи и критикување на западното академско учење.
Стапувајќи во контакт со групата од Калкута и наоѓајќи инспирација во нејзината отворена желба за целосно индиска уметност, Соуза и неговиот пријател Сајед Хајдер Раза одлучиле да ја формираат ПАГ. Нивната уметност комбинирала авангардни стилови со индиска тематика и била жива со религиозна и митолошка симболика – вели Авари.
Африкаобра, САД, 1960-тите
Од големите уметнички групи на „Црната моќ“ во САД, малкумина беа повлијателни од „Африкабора“, движењето со седиште во Чикаго, формирано во 1968 година, за да внесе нова естетика во светот по убиствата на активистите за граѓански права Мартин Лутер Кинг и Малком Х.
„Њу вижн груп“, Ирак, 1960-тите и 1970-тите
Кон крајот на 60-тите години на минатиот век, во Ирак се појави живописна уметничка сцена. Социјалистичката партија Баат, која ја презеде власта по револуцијата во 1968 година, воспостави добро поддржан културен систем, од кој произлезе „Њу вижн груп“. Основана од сликарот Диа Ал-Азави (роден во 1939 година), неговите следбеници ги поддржаа идеите за панарапско единство и повикаа на нов арапски модернизам што ги поврзува уметниците идеолошки и културно.