Македонската пијанистка Ана Велиновска ќе свири на фестивалот „Звуци на Алпите“, во срцето на швајцарските Алпи, кој ќе се одржи од 12 до 15 aвгуст.
На фестивалот ќе изведе три светски премиери, од композитори од Русија, Ерменија и од Швајцарија. Потоа Велиновска ќе настапи и на „Луцерн фестивал“, еден од водечките фестивали во светот на класичната музика, кој ќе се одржи во градот Луцерн во Швајцарија, од 10 август до 12 септември.
На годинашното издание на фестивалот ќе настапи плејада меѓународни ѕвезди, меѓу кои пијанистите Даниел Баренбоим и Јуџа Венг, мецосопранот Чечилија Бартоли, виолинистката Ен-Софи Мутер, диригентите Валери Гергиев и Сер Сајмон Ратл, а ќе гостуваат оркестри како Виенската филхармонија и Берлинската филхармонија.
Пијанистката Ана Велиновска во тим со специјалисти за нова класична музика ќе изведе швајцарска премиера на музиката на Ребека Саундерс, резидентната композиторка на „Луцерн фестивал 2021“.