Некои од расказите се родија во времето на изолација, среде корона-кризата. Додека надвор беснееше торнадо и сите едни од други очекувавме да се прашаме „како си“, јас себеси се прашав „како си“. Така затекната, ем изолирана, среде куп непеглани алишта и растурена кујна, сфатив дека Агата Кристи можеби била сосема во право кога заклучила дека најдобро време за планирање на заплетот е додека ги миете садовите, вели Петревска-Георгиева
Мимоза Петревска-Георгиева, новинарка и авторка
„Градски и шумски приказни“ е насловена новата збирка раскази на новинарката и авторка Мимоза Петревска-Георгиева, која излезе во издание на „Темплум“, со дизајнот на студиото „Кома“, а ќе може да се најде на малиот новогодишен саем на книгата наредниов викенд во Градскиот парк. Ова е прва чисто книжевна објава на авторката, која претходно ги има објавено книгата „Живот вреден за живеење“ и едукативната детска сликовница „Иван и Илина“, кои се однесуваат на децата со попреченост и на нивните семејства.
Во првата најава на збирката велите дека станува збор за делчиња од вашиот личен мозаик што не го споделувате со лесно срце. Многу автори имаат слично чувство дека откако ги пуштаат своите книги на пат, им недостига нивниот престој во личниот имагинарен простор… Дали сакавте да го кажете тоа?
– Самото пишување е споделување, кршење граници и шиење нови шевови по кои тие реални или измислени светови патуваат, се среќаваат, а често и се расправаат. Процесот на разоткривање додека пишувам, таа сензација на ослободеност од секакви стеги, за мене е многу природен, радосен, нешто што се подразбира. Додека пишувам го имам чувството дека вистински постојам. Пишувањето за мене е и еден вид азил необременет од „треба“ или „мора“. Е сега, моментот кога сето тоа навистина „требаше“ да се спакува во некаков формат и да се сподели со светот, почувствував грч на несигурност. Тоа е моментот кога, всушност, првпат се прашав себеси: сакам ли навистина да го споделам ова со светот? Дотогаш во игра беа сликите во мојата глава, компјутерот и мојата омилена фотелја.
Со оглед на секојдневната динамика на една жена и мајка, кога и како пишувате?
– Спонтано, кампањски, во еден здив. Мислам дека и во расказите се забележува таа згуснатост, која е производ на некаков процес на напластување. Сликите што ги развивам во кратки раскази ми доаѓаат молскавично, како зипуван фајл. Доволен е еден поглед на некаква ситуација на соседната маса во кафеаната и приказната е веќе родена. Но не сум дисциплинирана, па да си кажам – „нула диес сина линеа“ и да го тренирам пишувањето како гимнастика. Тоа никако не ми успева. Пишувам кога ќе најдам време. Идеите главно ми „блеснуваат“ доцна навечер и ако таа згусната ментална слика во најкратко можно време не ја претворам во зборови, ја губам засекогаш. Тогаш палам светло и нафрлам неколку реченици во телефонот, кои наредниот ден ги развивам, не без чувство на жалење дека нешто по пат се загубило. Некои од расказите се родија во времето на изолација, среде корона-кризата. Додека надвор беснееше торнадо и сите едни од други очекувавме да се прашаме „како си“, јас себеси се прашав „како си“. Така затекната, ем изолирана, среде куп непеглани алишта и растурена кујна, сфатив дека Агата Кристи можеби била сосема во право кога заклучила дека најдобро време за планирање на заплетот е додека ги миете садовите.
Книгата е збогатена со цртежи на неколкумина наши уметници. Колку се вклопија тие во целата приказна и зошто ви беше важно расказите да имаат визуелна поткрепа?
– Отсекогаш ме фасцинирале малите вињетки или илустрации што уште како дете чат-пат ги среќавав низ детските книги. Пасионирано читав стрипови, а сега обожавам графички новели. Всушност, додека читате влегувате во една поинаква состојба на умот, му ги одврзувате синџирите. Кога така талкајќи ќе налетате и на возбудлива визуелна стимулација, доживувањето има поинаков шмек. Па си реков, зошто расказите да не се огледаат низ цртежите на неколкумина наши уметници: бруталниот, стриповски и минуциозен израз на Горан Дачев, лирската гама и темен еротизам на Билјана Василева, возбудливиот, колажен и модерен израз на Ѓорѓе Јовановиќ, детската, но длабока проникливост на Бисера Георгиева, интровертниот, минималистички и поетичен фат на Перо Георгиев, суптилниот и нежен визуелен јазик на Маја Стефановска… Ваква каква што е, книгава ми се чини згодна и за оние што не се многу по читањетo: можат да влезат, да си прошетаат низ неа и да кажат: „Фала, само разгледувам“.
Според рецензентката Искра Гешовска, оваа збирка раскази жанровски флотира помеѓу зачуденоста и реалноста. Што натежнува, имагинацијата или реалноста?
– Некои реални случки, ликови, се јатката околу која ја плетам нишката на приказната. Во сите нив има зрнце реалност и зрнце фантазија. Како премрзнати стапала нурнати во леген врела вода, кои се допираат, се насетуваат, се знаат, ама не се препознаваат. Фикцијата е многу привлечна затоа што отвора неброени врати да експериментираш со себе и со своите раскажувачки можности, но и да кажеш некои работи многу лесно, јасно, без жалење и задршка. За тоа е потребно и зрнце храброст.
Како новинарка со долгогодишно искуство, ова е ваша прва чисто книжевна објава, сметате ли дека во секој добар новинар лежи и потенцијален автор?
– Уф, тешко прашање. Можеби. Знам само дека пишувањето или ти е љубов, или љубовница, занает, бизнис, чалам. Новинарот секогаш гради некаква приказна, но прашање е дали и кога таа структура ќе премине во книжевност. Кој е амалгамот што зборовите ќе ги оживее на поинаков начин? Па сега доаѓаме до малку подзаборавените новинарски жанрови и форми за кои денешната читателска публика нема многу трпение и интерес. Големите новинарски пера секогаш се многу блиску до книжевноста и вистинската публика знае да го намириса тоа колку и да е неука. Сѐ уште ги чувам исечените колумни на Тања Торбарина, Миљенко Јерговиќ, Теофил Панчиќ, но и на Никола Младенов, Владимир Јовановски…, кои со уживање ги читавме покрај врел филџан кафе или накиснати и занесени под некоја маалска стреа. За жал, во време на инстант веб-новинарство, кога очите обично се вперени во квотата лајкови од луѓе што го прочитале само насловот, автентичниот жив новинарскиот израз како да ја губи трката, ја губи својата жилавост, полнокрвност. Заробен е во сувопарни фрази или насила напикани семантички франкенштајни од типот: „емотивно“, „скандалозно“, „шокантно“. Иако и литературата не е поштедена од светлечки реклами, што и да значи тоа, таа е нешто што од авторот и од читателот бара малку подолг здив и влог. Некаков посуштински клик, хемија, препознавање.
Коавторка сте и на книгата „Живот вреден за живеење“ и авторка на едукативната детска сликовница „Иван и Илина“, кои се однесуваат на децата со попреченост и на нивните семејства. Задоволна ли сте од ефектот што го постигнаа овие две објави?
– О, да. „Живот вреден за живеење“ создаде еден мал универзум на луѓе што ја создава, обмислуваа, естетизираа книгата, луѓе што оставија дел од својата интима во неа и уште голем број луѓе што се препознаа во приказните, ги почувствуваа како свои. Сега сите ние сме едно големо семејство и се држиме едни со други на око додека пловиме нa високи бранови. Сликовницата „Иван и Илина“ ѝ ја посветив на ќерка ми Илина, но во неа многу типични деца го препознаа своето необично другарче од соседството или клупата и научија дека развивајќи позитивно љубопитство, прашувајќи и прифаќајќи, на некој начин се ослободуваат и себеси.