Александар Русјаков, добитник на наградата „Пегаз“
„Хотел меѓу две војни“ е роман на авторот Александар Русјаков, кој е победник на третото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2021 година.
– „Хотел меѓу две војни“ е роман за љубовта што никогаш не се случила. И не само тоа. Ова е приказна за историјата што можеби била, ама никогаш не се знае, таа историја може и да биде. Многу е важно која соба ќе ја изберете во хотелот, па од неа да излезете во вечноста. Ова е роман за миговите кога забранетото во светот, станува дозволено за срцето. Роман за војна на поединецот со светот каде што преживеаното минато, во чудната сегашност, може да ти ја определи вечната иднина – вели авторот Русјаков.
Оваа приказна раскажува за поразите на победниците
„Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна на Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања во биографските факти и во многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
– „Сè што гледаме во светот е креативна работа на жената“, рекол Мустафа Кемал Ататурк. Па така и мене, најпрво ме инспирираше жена. Жена со визија. Потоа ме инспирираше „култот“ што секогаш во себе крие мистерија. Како писател, отсекогаш сум сакал да си играм со историја што не се „случила“. На крајот, во срцево, секогаш има една хотелска соба, соба со поглед на Македонија – вели тој.
Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел помеѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги.
– Кога пишувам никогаш не размислувам за прашања и одговори. Ниту за пораки до читателот. Отсекогаш сакам да раскажам приказна што ќе ги киднапира умот, свеста и срцето на читателот. Понатаму е негово, тој може да си иницира прашања и одговори. Ова не е историска приказна. Сеедно што сите ликови во неа ги запишала историјата. Историјата ја пишуваат победниците. Оваа приказна раскажува за поразите на победниците. Сите ликови во приказната постоеле во реалноста, вистински се. Сите нивни мисли, чувства, мечти и страдања тука раскажани, измислени се. Некои од настаните овде опишани, може и се случиле. Но повеќето се производ на легендите, озборувањата и, пред сè, на мојата фантазија. Со овие зборови ќе нѐ соочи читателот пред да започне приказна – истакнува Русјаков.
„Пегаз“ ми е прва книжевна награда, а првата љубов секогаш се помни
На прашањето како ја доживува наградата „Пегаз“, тој вели дека и да ја добие утре Нобелова награда за книжевност, „Пегаз“ ќе биде наградата што никогаш нема да ја заборави.
– Затоа што тоа е мојата прва книжевна награда. А првата љубов секогаш се помни. Видов дека во потесен круг влегол и романот „Ние“ на Ана Стојаноска. Едвај чекам да го прочитам. Ана е една од најквалитетните македонски писателки – дополнува тој.
Според жирито на конкурсот, приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози.
– Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит, свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација – пишува во образложението на жирито.
Покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година се ракописите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, кои, според жирито, се издвоија од мноштвото по своите книжевни вредности – оригиналната нарација, структурните и стилските квалитети.