Националната галерија на Македонија информира дека со оглед на случувањата поврзани со потенцијалното ширење на коронавирусот и мерките на претпазливост, кои ги препорача Министерството за здравство, откажано е отворањето на две изложби во „Чифте-амам“. Сите посетители, почнувајќи од денеска, во стандардите термини од 10 до 18 часот, секој ден од вторник до недела (освен понеделник), ќе можат индивидуално да ги погледнат изложбите во „Чифте-амам“.
И македонските театри ги откажуваат претставите. МНТ, Драмски и Театарот за деца ги откажаа претставите до 13 март. За продолжување со редовниот репертоар, тие дополнително ќе ја информираат јавноста. Купените билети ќе може да се заменат за друга претстава или средствата ќе бидат вратени. И „Театар комедија“ ги откажа претставите до 13 март, по одлуката на Владата за продолжување на препораката за откажување на сите јавни собири како превенција од коронавирусот.
Филхармонија исто така го одложи концертот „Музичка драма“, кој требаше да се одржи утревечер. На концертот требаше да настапи канадската сопранистка Миша Бругергосман. За продолжување на текот на концертите, кои се на програмата на Филхармонија, институцијата дополнително ќе ја информира јавноста
Откажана е и оперската претстава „Кармен“, закажана на 13 март.