Во МКЦ се отвори првата групна изложба во рамките на проектот „Протоген“, чиј идеен творец е академскиот скулптор Матеа Мијановиќ. Проектот во насловот ја одредува суштината на идејата (прото – на латински прво и генеза, скратено, на латински раѓање) т.е. создавање услови за развој и рачна изработка на дела, прототипи и пилот-линии од сферата на применетата уметност. На изложбата се претставени селектирани дела на младите скулптори: Митко Дамјановски, Благоја Гроздановски, Дамјан Ристевски и Матеа Мијановиќ.
Матеа Мијановиќ е дипломиран вајар, во моментов изучува постдипломски студии на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности.
– Проектот го дефинираат неколку јасни идеали. Иновативност, со овозможување продукција на професионално изработени дела од применета уметност, како и пристап до канали за продажба и можност за себефинансирање и натамошна работа во полето. Наедно проектот понуди продукциско-едукативна насока, како и фокус кон создавање мрежа за продукција и пласман на млади креативни професионалци – се вели во најавата.
Делата од изложбата може да се видат онлајн на https://www.inkubator.com.mk/.