Петар Андоновски, писател
Низ животот секогаш чекорев разголено, само така можеме да ги победиме стравовите и предрасудите, не со ѕидови околу нас. Како писател, секогаш ми било предизвик да пишувам за оние што се плашат на животот да му погледнат директно во очите, да им дадам глас на замолчените, невидливите да ги поставам во центарот на вниманието, вели Андоновски
Петар Андоновски, еден од годинешните добитници на Европската награда за литература, награден за романот „Страв од варвари“, објавен во 2018 година, нагласува дека како писател секогаш му било предизвик да пишува за оние што се плашат на животот да му погледнат директно во очите, да им даде глас на замолчените, невидливите да ги постави во центарот на вниманието. „Пишувајќи за нив, пишувам за сите нас“, вели Андоновски. Тој се надева дека Македонија нема да биде последна што ќе ги отвори своите граници и дека во јули ќе замине на писателска резиденција во Ново Место, Словенија.
Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015, три изданија), „Страв од варвари“ (роман, 2018). Добитник е на наградата Роман на годината на „Утрински весник“ (2016), за романот „Телото во кое треба да се живее“.
Годинава, која ќе ја паметиме по пандемијата, вам сигурно ќе ви ја одбележи и Европската награда за литература. Очекувавте ли да ја добиете за својот трет роман, откако претходните „Очи со боја на чевли“ и „Телото во кое треба да се живее“ привлекоа големо внимание и веќе имаат по три изданија?
– Најголем успех за еден автор е неговите книги да бидат читани. Додека пишувам, никогаш не размислувам дали тоа што ќе го напишам ќе му се допадне некому. Првенствено ми е важно јас да бидам задоволен, само тогаш знам дека сум напишал добра книга. Никогаш не се ни трудам да ѝ се допаднам на одредена група. Читателите не можете да ги излажете, тие знаат да ја препознаат искреноста на авторот. Наградите нема да нѐ направат подобри писатели, но нашите книги ги прават повидливи. Наградите зголемуваат тиражи, преводи, па се добра финансиска поддршка за авторите. Но никогаш немам очекувања кога се работи за наградите, така беше и со „Роман на годината“ во 2016 г., така беше и сега со Европската награда за литература.
Во деновите што ги поминавте во карантин во родното Куманово, меѓу другото, читавте и онлајн свој расказ рано наутро за медиумите. Во Скопје, пак, сѐ уште работите во книжарница, а во своите дела градите ликови што рушат стравови, предрасуди, успешно откриваат „невидливи“ делови од нас самите. Дали е тоа патот што како писател мислевте дека во овој животен период ќе го минувате?
– Едно попладне, додека седев во кабинетот на една моја професорка на Катедрата за компаративна книжевност и додека разговаравме за животот и книжевноста, таа ми рече: ,,Си имам свој мал свет и околу него кинески ѕид“. Јас околу мојот свет никогаш не изградив никаков ѕид, најмалку кинески. Низ животот секогаш чекорев разголено, само така можеме да ги победиме стравовите и предрасудите, не со ѕидови околу нас. Како писател, секогаш ми било предизвик да пишувам за оние што се плашат на животот да му погледнат директно во очите, да им дадам глас на замолчените, невидливите да ги поставам во центарот на вниманието. Пишувајќи за нив, пишувам за сите нас. Книжевноста треба да ни помогне да ги пронајдеме скриените острови во нас.
Ве обесхрабруваат ли општествено-политичката ситуација во Македонија, борбата со коронавирусот, начинот на кој реагираат државните служби и граѓаните на пандемијата?
– Во последно време премногу често слушам „граѓаните се однесуваат неодговорно“, граѓаните се однесуваат како што се однесуваат и институциите. Ние имаме целосно нефункционални институции. Кога тие ќе почнат да се однесуваат одговорно, тогаш ќе почнат и граѓаните. Немам доверба во нашите институции, тие се целосно атрофирани.
А како гледате на начинот на кој културата и уметноста го задржаа сепак своето делумно присуство во кризниов период во животот на луѓето во земјава, но и надвор од неа?
– Културата и уметноста секогаш биле на маргините, секогаш биле ставани во втор-трет план, а многу е интересно како во вакви мигови сите се свртеа и бараа некаков излез во нив: книги се купуваа како никогаш претходно, се посетуваа онлајн претстави, кина, музеи… Се надевам дека во новата нормалност нема да заборавиме повторно на нив, туку дека ќе станат дел од нашите животи.
Постои ли веќе интерес за превод на „Страв од варвари“ и на други јазици? Одржувате ли контакти со писатели и издавачи од странство, ве канат ли на книжевни настани што би се одржале, се разбира, откако ќе помине корона-кризата?
– Со неколку издавачи веќе потпишав договори, една од поубавите предности на Европската награда е токму тоа, можноста за превод на други јазици. Последниве недели поголемиот дел земји со чии граѓани комуницирам си функционираат нормално. Во јули, доколку е сѐ во ред во Македонија и има можност да се патува, треба да заминам на едномесечен престој на писателска резиденција во Ново Место, Словенија. Таму веќе се наоѓа Фарух Шехиќ, авторот од Босна, се надевам дека Македонија нема да биде последна што ќе ги отвори своите граници.