Ремек-делата на Фаберже и на Рикерт во Кремљ
Со изложбата „Карл Фаберже и Фјодор Рикерт. Ремек-дела на рускиот емајл“, Музејот на московски Кремљ ја отвори новата сезона. Публиката има можност да види повеќе од 400 скапоцени уметнички предмети од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кои им припаѓаат на водечките руски државни и приватни колекции. Главни ѕвезди на изложбата се Карл Фаберже и Фјодор Рикерт. Првиoт одамна стекна светска слава, додека другиот е практично непознат за широката публика, бидејќи по револуцијата е заборавен, а повеќето дела му се претопени или на различни начини завршиле во странство.
Еден од главните експонати на изложбата е огромна раскошно украсена шолја од Рикертовата работилница, која се најде на аукција на „Сотби“ во 1989 година. Повеќе од десет години таа се чува во музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон. Директорката на Музејот на московски Кремљ, Јелена Гагарина, смета дека е голем успех што овој предмет стигнал до нив.
– Авиосообраќајот е ограничен, а тука се и барањата за двонеделен карантин. Ги наговоривме британските колеги да ги испратат експонатите без обезбедување, кое во такви случаи е задолжително – вели таа.
Во работилницата на Фјодор Рикерт работелe најмногу 14 луѓе, додека кај Фаберже биле вработени околу 300 работници. Најголемите скапоцености на малата Рикертова работилница биле сребрените ракотворби со минијатурите нанесени на емајл, најчесто репродукции на слики на Виктор Васнецов и Константин Маковски. Цртежите на експонатите претставени на изложбата може да се споредат со оригиналите, благодарение на другите музеи што им излегле во пресрет. „Иван Царчето на сивиот волк“ го обезбедила Третјаковската галерија, а Историскиот музеј го дал портретот на Зинаида Јусупова, „Во руска одежда“. Експонатите се распоредени по тематски принцип. Во Успенската камбанарија е изложено сѐ што било подарувано на дипломатско ниво или во високите кругови: богато украсени рамки за икони, големи шолји и пехари. И, се разбира, познатите велигденски јајца, од оние од малку познати работилници, како работилниците на Куркуљов и Чупков, до најпознатата на Фаберже. Делата на Карл Фаберже оставаат без здив пред сѐ со своите инженерски откритија. На пример, велигденското јајце во чест на завршувањето на Транссибирската магистрала оди во комплет со минијатурниот златен воз, кој се придвижува со клуч. Композицијата се движи неколку метри, а ја красат фарови од рубини и брилијанти. Музејот на Кремљ сега го поседува и Фабержеовиот архив, кој му е предаден по повод стогодишнината од смртта на златарот.
Тој архив содржи околу 1.500 единици, а особена скапоценост претставува албумот со фотографии на подароци што ги нарачувало царското семејство. Тој сведочи за тоа дека многу скапоцени предмети до денешната публика не стигнале во својот првобитен облик. Другиот дел на изложбата, кој е сместен во дворот на патријаршијата, го претставува она што е предвидено за приватна употреба: пудриери, табакери, кутии за бонбони, дури и кутии за моливи.
Емајлот во Русија е набавуван од Византија уште во 10 век. Руските занаетчии во почетокот ги копирале странските обрасци, но со текот на времето ги усовршувале своите техники до ниво на уметност. Вештината на руските мајстори се огледа во создавањето витражи на метал, во користењето бисери што имитирале вез, во изработката на матиран емајл, кој по текстурата потсетувал на кадифе. Со развојот на хемијата, палетите на бои што се нанесувани на емајлот се прошириле на стотици нијанси, така што на скапоцените метали било можно да се репродуцира која било слика. Сепак, купувачите по правило биле конзервативни и најмногу ги сакале познатите и весели сижеа: јунаците од бајките, сцените од секојдневниот живот, дивите птици. Може, меѓутоа, да се сретнат и оригинални нарачки.
На изложбата е претставен ковчег со минијатурна копија на темната слика на Василиј Верешчагин, „Пред напад. Кај Плевња“, единственото познато дело на Фаберже на тема Руско-турската војна 1877-1878 година. Врвот на изработката на декоративните предмети од емајл руските мајстори го достигнале на преминот меѓу 19 и 20 век. Златарите тогаш често спојувале две сложени методи: не ги прекривале производите едноставно со емајл, туку со него ги прекривале орнаментите изработени од извиткана жица, односно од филигран. Тоа барало неверојатна трудољубивост и вештина, од каде што и потекнува името „филигранска изработка“.