Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ деновиве го објави изборот „Драми за Скопје 1 и 2“ на драмскиот автор, сценарист и прозаист Томилав Османли. Станува збор за двотомна објава во која се поместени пиеси, монодрами и сценски прикази со Скопје како хронотоп во овој дел од драмски текстови од Османли. Првата книга ги донесува трите целовечерни пиеси: „Светулки во ноќта“, „Техно ѕвезда“ и „Пат за Парамарибо“, проследени со информации за нивните изведби и со предговорите на авторот напишани за театарските програми. Во втората книга се поместени монодрамите „Облачна исповед“ и „Дирекција за внатрешна контрола“ (единствен неизведен текст од двотомната објава), како и сценските повести „Мементо за еден град“ и „Пруга за ледната пролет“.
– „Драмите за Скопје“ се имагинативно бродење низ историјата и сценски погледи врз нејзините каприциозни игри што се случуваат на еден простор, колку во Скопје, уште повеќе во драмата на обичниот човек збиен во големата, драматична мелница на историјата. И не само на минато, туку и на сегашноста неизвесно отворена кон предизвиците на новиов век – вели издавачот и писател Глигор Стојковски кон најновата објава на неговото книгоиздателство „ВиГ Зеница“.