Јана Луловска, уметница
Ќерката на доајенот на ликовната уметност Танас Луловски-Тане, по повод неговата актуелна ретроспектива во „Даутпашиниот амам“, укажа дека можеби најважната лекција што тој ѝ ја посочил е дека треба прво да се биде добар човек, за да се биде добар уметник
Во „Даутпашиниот амам“, во организација на Националната галерија на Македонија, во е тек првата ретроспективна изложба на вашиот татко Танас Луловски-Тане (1940-2006), посочен од галеријата како еден од најпознатите концептуални уметници од земјава. Сметате ли дека на овој начин е заокружена сликата за неговото богато и значајно творештво, дванаесет години по заминувањето?
– Сликата никогаш не е завршена, таа подлежи на постојан развој и само може да е напуштена. Сликата за творештвото на еден автор, кој е заминат, продолжуваме да ја формираме заедно, јас како носител на авторските права, министерствата и министрите, културните институции, кураторите, историчарите, рецензентите, колекционерите, новинарите и страсната публика врзана за неговото творештво. Со Националната галерија на Македонија ја направивме неговата прва постхумна ретроспективна изложба. Сликата за неговото богато и значајно творештво сега се роди и треба допрва да се развива.
Од позиција на ќерка на авторот, но и на уметница што по завршувањето на Уметничка и приложна фотографија на националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ во Софија, работи на полето на фотографијата, сликарството, стоп-кадар анимацијата и графички дизајн, имате ли увид каде се наоѓаат неговите дела и во каква состојба се?
– Мое убедување е дека условите во кои ние работиме и твориме се далеку од совршени, меѓутоа, и покрај тоа, мораме да придонесуваме за развојот на културата и заштитата на културното богатство што веќе го имаме. Имам среќа што живеам во мала средина, па брзо се дознаваат работите. Така и јас успевам да имам увид каде се наоѓаат делата на мојот татко. Институциите имаат влезни книги и преку нив јасно и прегледно може да се има увид за делата што се дадени на реверс и што се во нивна сопственост. Следењето на визуелните дела што се отуѓени на приватни лица е отежнато. Сѐ се сведува на тоа кој кого познава и кој знае некој што поседува дело од некого.
Ние имаме прецизни и концизни закони за право на следење, треба само да ги почитуваме. Авторите и носителите на авторски права имаат одговорност за интегритетот на делото. Ако се почитуваат нивните права да бидат известувани за сѐ во врска со нивните дела од страна на институциите и продажните галерии, ќе се има попрецизен увид каде се наоѓаат делата. Доколку сите ги почитуваме позитивните прописи, ќе ни се олесни работата. Нема да водиме сизифовски борби и со помалку труд ќе постигнуваме многу повеќе. Моето искуство укажува дека приватните сопственици водат поголема грижа за состојбата на делата отколку институциите во чија сопственост се. Имам впечаток дека постои недостоен однос кон нашето културно богатство, од несоодветно чување до нередовна конзервација и реставрација на уметнички дела. Апелирам до Министерството за култура и до сите надлежни институции сериозно да го согледаат овој проблем и да преземат соодветни мерки за заштита на нашето културно богатство, затоа што културата, заедно со нејзините граѓани, ја прави државата богата или сиромашна.
Постои ли сѐ уште интерес за купување дела од Танас Луловски и имате ли вие некакви проблеми со наследените авторски права во државава, каде што уметноста се продава и на црн пазар?
– Да, постои интерес за купување дела од Танас Луловски, проблемот е во тоа што никој не сака да продава. За ретроспективната изложба се соочивме со институции и приватни колекционери што не беа отворени за соработка и од необјасниви причини не ни ги позајмија делата што се во нивна сопственост. Ова всушност докажува дека законите за авторско право и сродни права (зборувам конкретно за визуелната уметност) не се применуваат во целост. Секогаш треба да ја согледуваме „големата слика“ и најдоброто за сите, затоа што кога колективната свест ќе ја надмине моќта на суетата и личното его, само тогаш ќе може да се постигне вистински прогрес. Бидејќи грешките не можеме да ги поправиме, треба да ги простиме и од нив да научиме како да не ги повторуваме во иднина. Ние ќе имаме една поцврста, поквалитетна и побогата културна сцена доколку секој си ја врши работата по своја должност и професионално и притоа внимава да не пречи на работата на другиот.
Опкружени сме деновиве со негови дела, во галеријата се навративте на татковите зборови за уметноста што сте ги слушале дома, меѓу другото и на реченицата дека „сѐ е до набљудувањето“. Велите дека шест месеци тој набљудувал чаша на прозорец, која потоа станала дел од фасцинантната слика „Прозорец 2 (Желево)“. Што уште би сакале да издвоите од лекциите на овој некогашен професор на ФЛУ што не ги заборавате?
– Лекции има многу, не би имала место да ги запишам. Но да, тој секогаш ми велеше дека набљудувањето, истражувањето и подготовката се најбитниот и најтешкиот дел од креативниот процес. Штом ќе се стигне до четка и до платно, до камера, молив и хартија, до сценска изведба итн., тоа е веќе свршен чин. Јас би се надоврзала: вистинскиот креативен процес е токму во подготовката, развојот на идејата, концептот, а завршниот чин е само заклучок, кој од потсвеста избива на површината на свеста. Еднa, можеби најважната лекција за мене што татко ми ми ја посочил е дека треба прво да се биде добар човек, за да се биде добар уметник. Oваа мисла ми се врежала длабоко во срцевината и ме учи да знам кога креативноста почнува и каде запира, за да ѝ отстапи место на реалноста.
Додека студиравте во Софија, беа ли споменувани во предавањата и македонските современи уметници, меѓу нив и вашиот татко, во каков контекст и како вие се чувствувавте?
– Да, на часот по историја на уметност, каде што учевме за автори што се важни за светската ликовна сцена. Учевме за бугарската уметност, но во предавањата беа споменувани и некои македонски уметници. Не се сеќавам точно на контекстот во кој тие беа посочувани како примери, сепак тоа беше пред десетина години, но, секако, тоа беа примери од кои може нешто да се извлече и да се научи. Убавите емоции секогаш преовладуваат во мене кога се споменува татко ми. Се чувствувам убаво и благодарно што токму тој е мојот татко. Понекогаш неговото споменување раѓа и непријатно чувство, затоа што кон мене како негова ќерка и уметник се насочени голем притисок и очекувања. Не е лесно да си втора, трета генерација уметник. Тоа е голем предизвик. Не само што треба да одиш по стапките на твоите предци туку треба истовремено да создаваш и свои дела што ќе ги оставиш за идните генерации.
Ликовната критика и денес високо го позиционира творештвото на Танас Луловски, а под инспирација од неговите дела во Националната галерија на Македонија се одржаа и едукативни работилници за деца. Има ли потреба од понатамошни истражувања на творештвото по оваа ретроспектива, чии кустоси се Маја Неделкоска-Брзанова и Ана Франговска?
– Уживав во соработката со Националната галерија на Македонија и во заедничкото успешно решавање на проблемите што се дел од продуктивниот процес. Секогаш се радувам и чест ми е да соработувам со големи професионалци, од кои можам многу да научам. Заедно успеавме да направиме една достојна и богата ретроспективна изложба и да издадеме обемна монографија што ги опфаќа гледиштата на пет наши еминентни и релевантни кустоси и историчари на уметноста. Покрај анализите и гледиштата на кустосите Маја Неделкоска-Брзанова и Ана Франговска, во книгата ја има и перспективата на Соња Абаџиева, Конча Пиркоска и Викторија Васева Димеска. Но иако се направи една постхумна ретроспективна изложба и се издаде една монографија, работата не е завршена. Со секое наредно истражување и анализа може сѐ повеќе да се навлегува во внатрешноста на творештвото на еден автор, во потрага по спознавање на она исконското во него. Понекогаш е потребно да помине време и повторно да се види хоризонтот, тогаш може да откриеме нова перспектива.