Богата програма од класичниот репертоар, од романтизам, преку класицизам и веризам, понудија солистите на Националната опера и балет на гала-концертот што се одржа во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Примадоната на оперската сцена, Весна Ѓиноска-Илкова, првенка на НОБ и редовна професорка на Факултетот за музичка уметност заедно со нејзините колеги, солистите Благој Нацоски – тенор, Наде Талевска – сопран и Ирена Кавкалевска – мецосопран, во црквата „Света Софија“ пленија со своите раскошни гласови и внимателно одбраниот репертоар.
– Изведовме програма што беше задоволителна и респектабилна за самиот настап. Многу ми е драго што во мошне ист состав работевме и минатата година, па така и годинава. Поради нашите различни фахови, особено со Благој Нацоски, немаме многу често комуникација на сцената, но многу се радувам што на овој начин работиме заедно – истакна Ѓиноска-Илкова.
Според неа, настапите на „Охридско лето“ претставуваат репрезентативен елемент, како на националната установа од која доаѓа, така и за неа, како уметник-солист.
Македонскиот тенор Благој Нацоски, кој ги освојува сцените на најпрестижните оперски сцени во светот, смета дека за оперските пејачи многу важен детаљ кога е во прашање „Охридско лето“ е што фестивалот пред 59 години е отворен со оперски глас.
– Токму во овој амбиент, во оваа црква, на 4 август пред 59 години, првенката на Македонската опера и балет, Ана Липша Тофовиќ, го прогласи фестивалот за отворен.
Можеби звучи нескромно, но за нас, оперските пејачи тоа е многу важно и предизвикува особено чувство и сатисфакција. Поради моите меѓународни обврски немам секогаш доволно време да го следам фестивалот, но она што го гледам во програмите, кој настапува во изминатите години, сметам дека на „Охридско лето“ бележи огромен растеж – изјави Нацоски, кој за десетина дена настапува со рецитал на Сицилија, а во октомври и ноември има голема турнеја во Јапонија каде што со „Травијата“ ќе настапи во 14 претстави.
Солистите, диригентите и ансамблите на Националната опера и балет се редовни гости на „Охридско лето“ и за своите настапи секогаш се наградувани со бурни аплаузи од фестивалската публика.