Книжевна мапа на светот
Добрата книга може да нѐ пренесе насекаде, од вистински места, до некои измислени димензии и планети. Во некои романи изборот на местото на дејството дури игра клучна улога, а начинот на кој авторот го замислува и го спомнува светот во голема мера одредува колку ќе уживаме во напишаното. Моќта на литературата е огромна и често е најлесниот начин барем ментално да се иселиме од реалноста. Порталот „Нет кредит“ излезе со интересна идеја за истражување на тоа кои книги се најпопуларни во земјите каде што се одвива нивното дејство. За тоа беше искористен нивниот рејтинг на популарната страница „Гудридс“, а потоа беа направени еден вид виртуелни полици.
Северна Америка
Најпопуларната книга што се случува во Северна Америка е „Слугинки“ од Кетрин Стокет. Приказната се случува во Мисисипи и следи три слугинки во еден дом, кои ги откриваат сите расни нееднаквости во текот на 1960-тите.
Јужна Америка
Најпопуларната книга што се одвива во Еквадор во Јужна Америка е „Галапагос“ на Курт Вонегат. Тој бил инспириран од Дарвин и неговата теорија за еволуцијата и по две недели престој на овој остров го напишал романот во кој ја опишува деволуцијата, односно еволуцијата наназад од човечката раса.
Европа
Најпопуларната книга чие дејство се одвива во Европа, а истовремено и најпопуларна од сите на списокот, е романот „Виновни се ѕвездите“ на Џон Грин. Заплетот ја следи 16-годишната Хејзел, пациентка со рак, која патува за Амстердам да се сретне со мистериозниот автор на книга што зборува за друга девојка болна од рак, чиј случај наликува на судбината на самата Хејзел.
Средниот Исток и централна Азија
Романот „Ловец на змеј“ од Калед Хосеини прикажува децениски немири во Авганистан и ги следи односите меѓу богато момче од една страна и таткото и внукот на човек што е слуга на неговиот татко од друга страна. Таа е најпопуларната книга поставена во овој регион.
Остатокот од
Азија и Океанија
„Мемоарите на гејшата“ на Артур Голден ја следат приказната за гејша што работи во Кјото во периодот околу Втората светска војна. Книгата беше многу популарна дури и пред филмската адаптација од 2005 година, но тогаш многу повеќе луѓе слушнаа за неа и сакаа да ја прочитаат.
Африка
Веројатно како што се очекуваше, еве го „Алхемичарот“ на Паоло Колјо, чие дело претежно се одвива во Мароко. Станува збор за алегорична приказна за еден млад овчар од Андалузија, кој патува во египетските пирамиди во потрага по богатство.