Сите љубители на оперската и балетска уметност, почнувајќи од вчера во 20 часот, на официјалниот јутјуб-канал на Националната опера и балет, имаат можност да ги погледнат омилените оперски и балетски претстави.
– Секој вторник ќе биде резервиран за балетската уметност додека секој петок ќе биде термин за љубителите на оперската уметност. За оваа цел ќе ја користиме алатката на јутјуб-премиера, која ќе ѝ овозможи на нашата публика од целиот свет да се вклучи во магијата на оперската и балетската музичка уметност. За оние што не се во можност да ја гледаат дигиталната премиера на нашите претстави во реално време, секоја емитувана претстава ќе биде достапна 24 часа по првичното емитување – најавуваат од НОБ.
Оттаму додаваат дека иако не можат да настапат пред публика во живо, задоволство им е да ги споделат нивните претстави дигитално и да ја поддржат културно публиката за време на оваа криза.
По балетската претстава „Лебедово езеро“ од П.И. Чајковски, ќе може да се видат и операта „Боеми“ од Џакомо Пучини на 10 април, светската дигитална премиера на балетската претстава „Клеопатра“ е закажана за 14 април, додека операта „Евгениј Онегин“ од П.И. Чајковски е на 17 април. Балетот „Дон Кихот“ е на 20 април, а на 24 април нашата публика ќе има можност да го гледа традиционалниот концерт по повод празникот Василица насловен „Диско фивер“.