Реномираната награда „книжевен жезол“ за поетски опус што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија секоја година на еден домашен и на еден странски поет, оваа година им се доделува на македонскиот поетски маг Михаил Ренџов и на поетот Мирослав Биелик од Словачка. Чествувањето на поетското творештво на овие писатели ќе се изрази преку објавување заедничка збирка поезија во рамките на традиционалната едиција на добитници на оваа награда, а со оглед на пандемиската ситуација, врачувањето на статуетките на вообичаен свечен собир во просториите на ДПМ се одложува за некои подобри времиња во втората половина на годинава.
Михаил Ренџов (1936 г.) е современ македонски писател, кој се има пројавено во различни книжевни жанрови: разновидни поетски форми, проза, есеистика и книжевен превод. Сепак, за поезијата може да се каже дека има централно место во неговиот опус и дека токму специфичниот поетски нерв е она што го чини уникатен неговиот авторски профил. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на ДПМ од 1965 г. Автор е на дваесетина поетски книги: „Иселеник на огнот“ (1965), „Ноќно растење на зборот“(1967), „Каде од оваа страна“ (1968), „На работ од сонот“ (1972), „Страв“ (1976), „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982) (награда „Браќа Миладиновци“), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ (сонети, 1987), „Земја. Потоп“ (1991), „Шпил“ (1994), „Вечната бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998) (награда „Ацо Шопов“), „Псалми“ (2000)… Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонскиот еп „Гилгамеш“ објавен во три изданија.
Мирослав Биелик (1949 г.) е современ писател од Словачка, познат во својата средина по дела од различни книжевни и книжевно-научни жанрови. Објавил повеќе од сто стручни студии од областа на книжевноста и културата. Работел во „Матица Словачка“ како библиограф, бил долгогодишен директор на Словачката народна библиотека и на „Матица Словачка“. Денес е претседател на Друштвото на писателите на Словачка.