Најновото признание за долгометражниот игран филм „Хомо“ доаѓа од фестивалот на интернационален филм „Вотерфронт“ во Лаваса, Индија, каде што режисерот Игор Иванов ја освои наградата за најдобра режија. Филмот ја имаше светската премиера годинава на 51. фестивал „Гоа“ во Индија, а европската премиера во рамките на „Синедејс“. Досега го прикажаа над десет фестивали во Канада, САД, Велика Британија, Индија, Романија, Србија, Бугарија.
Следната дестинација на „Хомо“ е Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, еден од најголемите филмски фестивали во францускиот регион Гранд Ест, во најпрестижната и најпосетена официјална селекција на фестивалот – „Под ѕвездите“ и ќе биде прикажан под отворено небо во една од најдобрите киносали во Франција – „Камео“. Фестивалот ќе се одржи во периодот од 27 август до 5 септември.
Филмот е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на шест главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби што тивко, но полека го уништуваат општеството. Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов-Изи и Сашо Кокаланов, директорка на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук е Борис Трајанов, монтажата е на Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а направен е како копродукција на Србија, Бугарија, Косово и на Словенија. Во филмот играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски и др.