Најпопуларниот музеј во светот, „Лувр“, ги отвори своите врати по неколкумесечниот карантин. Но сега, за време на посетите, најголемата атракција ќе мора да биде заштитена од метежот. „Мона Лиза“, која вообичаено е опколена од посетители што се обидуваат да направат своја фотографија од ремек-делото на Леонардо да Винчи, сега имаат можност да ја погледнат единствено во рамките на еднонасочна маршрута, во која се внимава и на физичкото дистанцирање. Веднаш по отворањето, на фотографиите што беа објавени на интернет беше прикажано како луѓето стојат во редици и чекаат да го видат познатиот портрет.
Секој што сака да го посети „Лувр“, кој поради пандемијата ги затвори своите врати во март, ќе треба однапред да направи резервација. Внатре маските за лице се задолжителни и ќе се спроведе физичко растојание од најмалку еден метар.
Термините беа достапни за резервирање уште од 15 јуни, иако на веб-страницата на „Лувр“ се вели дека тие ќе бидат ограничени. Исто така, не треба да се заборави дека дури и доколку ви следува бесплатна можност за посета (на пример, доколку сте помлади од 25 години и сте жители на Европската Унија), сепак треба да направите резервација однапред. Додека, пак, доколку плаќате внатре, ќе бидат дозволени само платежни картички. Децата под 11 години не треба да носат маски, но од сите други посетители ќе се бара да ги покријат своите лица, вклучувајќи го и персоналот. Посетителите исто така ќе бидат пречекувани со средства за дезинфекција на влезовите и ќе мора да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во објектот. Физичкото растојание важи и за туристички групи ограничени на најмногу 25 лица, кои ќе можат да се движат низ музејот заедно. За таа цел, тие ќе треба да носат слушалки, а туристичкиот водич ќе мора да користи микрофон.
Покрај тоа, вреди да се спомене и дека соблекувалните ќе останат затворени, вклучувајќи и некои галерии, како француските скулптури од отсекот посветен на средниот век и ренесансата, како и уметноста на Африка, Азија, Океанија и Америка.
„Лувр“ беше затворен од 13 март и пријави загуба од над 40 милиони евра.
Музејот е една од најголемите туристички атракции во градот, но и покрај тоа што Париз повторно се отвора, ќе се забележи значителен пад на туристички посети, што наведува на веројатноста дека низ ходниците на „Лувр“ ќе бидат забележани претежно локални жители. Во меѓувреме, некои луѓе се возбудени што конечно ќе имаат можност да го посетат музејот попразен и потивок од вообичаено.
Новинарката Кети Скот, која се пресели во Париз за време на карантинот, открива дека со нетрпение очекува да го доживее музејот без вообичаени толпи.
– Со нетрпение очекувам да го „фатам“ првото место пред кое било уметничко дело што ми се допаѓа без да морам да ги туркам туристите со лакти. И се надевам дека нема да мора да ја видам „Мона Лиза“ преку екранот на мојот телефон – вели Скот.