Модел (2)

Го замислувам вечерта кога појде кон нејзиното ателје, маглата веќе била спуштена врз градската котлина, добрината на сонцето неповратно исчезната, се навестуваше тешка, густа и загадена скопска ноќ. Но кај неа во ателјето, претпоставувам, било пријатно топло, опуштено, а таа го пречекала облечена во тесни фармерки и во широка, а кратка бела блуза, замачкана од бои – и тогаш, чудакот дошол. Што е најсмешно, задоцнил половина час – се смее Илчо – и тука, кутриот, сакал да си даде некоја важност. Иако целиот бил збунка.

– А Јованка, како изгледаше таа во она време?
– Јованка, според мене, беше градена чудно, речиси немаше гради, а со тенок струк и голем задник, изгледаше како телото да ѝ е составено од два различни дела, од половината нагоре детско, со слаби, кршливи раце, од половината надолу силно, со нагласени, дебели бутки – Илчо ликовно ја претстави својата младешка другарка и колешка – не беше мој тип, иако имаше нешто откачено и привлечно, сраснато со ноќната скопска калдрма на Старата чаршија каде што во „Галерија 7“, по часовите на академијата, водевме бескрајни муабети. Тука, на една од тие ноќи, Јована, со наша сесрдна помош, ја смисли зафрканцијата со Моделот. Се виткавме од смеа додека ни ги имитираше неговите глупави реакции на нејзините провокации. Иако не можевме да предвидиме каков ќе биде крајниот исход.

Според смисленото сценарио, му рекла да се раскомоти и го понудила со виски. Откако го испиле вискито, тој со забрзани голтки, поттропнувајќи без да сака со нозете, таа намерно одолжено, и исто така долго издишувајќи чад од запалената цигара, му рекла да се свлече и да се намести во контрапосто. – Контрапосто-позицијата често се користи на вежбите по акт. Рамениците се малку искосени на едната страна, колковите на спротивната, а тежиштето на актот е на едното стопало. Позата создава впечаток на динамика и природно изгледа – стручно ми ја протолкува Илчо позата на кутриот, гол Модел пред штафелајот на Јована.

(продолжува)