Осврт на 58. Венециско биенале и „Субверзија во црвено“
Секое ново Венециско биенале станува сѐ потешко за креативците, бидејќи тие би требало да одговорат на генералните параметри кои сѐ уште се доминантни во одредувањето на она што значи „висока уметност“ и дистрибуција на светскиот уметнички пазар
Натали Р. Павлеска
Есенцијата на самото постоење на уметноста денес е повеќе од сложена и контрадикторна ако се земе предвид дека таа не може да опстои доколку само одговори на времето и со тоа да добие статус „современа“. Нејзината комплексност се однесува на регулирање на односите на неколку аспекти: контекстуален, концептуален и формален. Таа не се обидува да го пресретне моментот на времето и да продолжи да се натпреварува со него, напротив, уметноста денес е целосно заснована на пауза. Уметникот денес се справува со она што значи прочистување. Прочистување од сите оние сознанија што му ги наметнува секојдневието, консумеризмот, образованието, актуелното поле и виртуелната димензија, како генератори на некаква идејна проективност. Таа има многу поголема задача од порано, треба да нѐ убеди дека естетската револуција ја исполнила својата задача, дека секоја нејзина фаза е движечка, дека секој нејзин облик на другост е во функција на историското движење, а не прекин или раскинување со нејзината онтолошка смисла на постоење.
Секое ново Венециско биенале станува сѐ потешко за креативците, бидејќи тие би требало да одговорат на генералните параметри кои сѐ уште се доминантни во одредувањето на она што значи „висока уметност“ и дистрибуција на светскиот уметнички пазар. Годинашната изложба, курирана од Ралф Ругоф, понуди исклучително провокативен концепт, „Да се живее во интересни времиња“. Од уметниците се бараше да понудат алтернативи на значењето на таканаречените факти, предлагајќи нови начини на поврзување и контекстуализирање, да се воспостави релација помеѓу контрадикторни и некомпатибилни поими, преку визија за нова смисла за светот. На тоа, поголемиот дел од приложените проекти одговорија претежно со иконографски материјал кој ги отсликува руините на заедничкиот свет на постоењето, мноштво од концепти кои ја отсликуваат хуманата епоха на Антропоцен, разорните моќи на човековото постоење и колективниот импакт врз геологијата и екосистемот, климатските промени и нивните неповратни разорни ефекти.
Како ние одговоривме на сето ова? Проектот „Субверзија во црвено“ на Нада Прља има за цел да го стимулира истражувањето на алтернативните уметнички форми и социолошко-политичките формации, повторно ревидирајќи ги специфичните концепти и социјални модели од минатото, преку интердисциплинарна изложба на инсталации и перформативни практики со визуелна форма на теорискиот приод на современиот македонски уметник. Проектот, насочен кон враќање на заборавените идеи за идеализмот и идеологијата, како форма на мотивација за современото општество, ја возобновува идејата за комунизам, како алтернативна колективна организација и нови еманципаторски политики кои би се спротивставиле на сегашната пазарна логика мотивирана од профит. Едeн од клучните историски настани е забележан во збирката „Идејата за комунизам“ (2010), уредена од Славој Жижек и Костас Дуцинас, објавена по колапсот на банкарскиот систем во 2008 г. Беше поставено прашањето дали комунизам е сè уште името што треба да донесе радикални еманципаторски проекти. Конференцијата отвори пат за реактивација на силен линк помеѓу радикалната филозофија и политиката. Но сведоци сме на 30-годишен триумф на глобалниот капитализам, и оттука е спорно колку комунизмот како возобновена форма на колективен отпор има капацитет да ги изземе од своето мемориско ткиво механизмите на капиталистичката логика на опстојување.
Проектот е фрагментиран на визуелен и перформативен дел. „Црвената дискусија 2“ е изведена како експериментална средба помеѓу релевантни современи мислители и куратори од полето на трансформативни практики, вклучувајќи ги Артан Садику како носител на теорискиот дел на проектот, Чалс Еше, Маурицио Лазарато, Шантал Муф и др. Самата идеја за поврзување на теориското и уметничкото е апсолутно релевантна и движечка и ќе беше во целост издржана доколку авторскиот концепт беше целосно насочен на дискусијата како автономен проект сам по себе. Она што остана за посетителите на Венециското биенале во следните шест месеци во нашиот павилјон е видеодокумент од перформансот, празната маса на која се запишани клучните зборови произлезени од дискусијата; инсталацијата „Суптилна субверзија“, која е во функција на редефинирање на серија на историско значајни уметнички дела од 1960-тите.
Инсталацијата е неумешно артикулирана во просторот, без капацитет за целосно заокружување на естетската, неестетска целина, од која колку и да се одрекуваме во името на современиот дискурс е апсолутно аматерски поставена. Во уметничката книга „Субверзија во црвено“ се вклучени есеи од познати теоретичари, како и транскрипт од „Црвена дискусија 1“ од неколку мислители. Еден од клучните теориски аспекти околу кој се развива овој концепт е содржан во „Меки субверзии“ на Феликс Гатари, текстови и интервјуа (1977-1985), во концептуален распон помеѓу неколку прогресивни за тоа време размислувања.
Во пристапувањето кон вака поставен концепт како облик на уметничко дело се поставува прашањето каков вид критика, или коментар за уметноста, е можен? Како би изгледала критиката која би му служела на уметничкото дело, а притоа да не го узурпира неговото место? Сузан Сонтаг во есејот „Против толкувањето“ нагласува дека уметничкото дело не е неискажливо и не значи дека не може да биде опишано или парафразирано. Таа предлага дескриптивен вокабулар, наместо перцептивен, вокабулар за формите. Според Сонтаг, важно е не да се увиди максимумот на содржина во едно уметничко дело, туку извлекување на содржината од делото, која е веќе присутна, за да може да се согледа делото во целост.
Со самата употреба на политичкиот и општествениот контекст како заемни односи, уметноста се извлекува од полето на висока или критичка уметност кон поле на културални индустрии и индустрии на забава. Таа е предмет на спектакуларизација во внатрешноста на културата, нејзината „арт плус активизам“ форма е поле за субверзивни потенцијали на дејствување, а самиот уметник многу лесно влегува во завери, конфликти, нетранспарентни односи на политиката и уметноста. Ние покажавме дека сме „дебатерско општество“ и дека имаме потенцијал за производство на „дебатна уметност“, спротивно од она што беше генерален одговор на ова биенале. Крајно консумерските општества ја обликуваат побарувачката на уметноста како консумерски производ, тие се засновани на високо иронични концепти, критицизам, баналност, занаетчиство, чиста форма на ликовна уметност, не орална, не концептуална. И да, храбро е денес да се пристапи кон просто обликување на уметноста, во време кога сите форми на изразување се целосно истрошени, во време кога уметникот не мора и не би требало да докажува колкав е неговиот интелектуален влог, тој неопходно треба да покаже дека умее да размислува во зададената рамка.