Официјалното име на населбата во која се случуваат приказните во „Скиселени тикви“ е Даме Груев, но многу е попозната како Ге-Ге или населба Гола Гузица. Се претпоставува дека оваа нетипична населба на периферијата на Скопје е вака преименувана поради тоа што на нејзиното место порано имало само „голи“ и брановидни ниви што личеле на задници. Според други извори, името го добила поради Ромчињата, кои со голи газиња се шетале по ромското гето. Но бидејќи Гола Гузица не е многу претставително име за јавноста, вториот (покултурен) назив е Новоселски Пат, мошне буквален зашто главниот пат на населбата оди за Ново Село, со кое е речиси споена.

Населбата, пак, во расказите на Туфан, е опишана како географски блиска до Таксим, значи до центарот на Истанбул, но откако се поминува мостот Ункапи, десно се свртува во зафрлено маало со споредни улички во кое „иако бевме во срцето на Истанбул, ги живеевме своите животи без никој да забележи“. Како и населбата на Станишиќ, жителите во книгата на Туфан ги минуваат своите животи во еден издвоен терен, просторно, но и судбински. Откачени, тажни, весели маргиналци, кои го тераат времето по свој терк, издвоени во една нетипична населба што, иако се наоѓа веднаш до центарот на велеградот, е изопштена и периферна.

Туфан и Станишиќ, како што веќе напоменав, освен како раскажувачи, се докажуваат и како сценаристи, и тој сооднос литература – филм е видлив низ филмичноста на нивната проза. Секако, кај литературата и кај филмот текстот функционира различно – книжевниот (ако е убедлив) нѐ наведува да ги визуализираме напишаните сцени и ликови, сценариото, пак, е во директна визуелно-говорна сплотеност што се одвива пред нашите очи. Оттаму, на нивото на следење, темпото е различно – и кога сме највнесени во читањето, тешко е да поминеме, без прескокнување, повеќе од педесетина страници за два часа колку што трае еден подолг игран филм. Освен тоа, добрата проза може да нѐ занесе со некој впечатлив пасус да се запреме во читањето, да го претпочитаме уште еднаш или да направиме пауза. Навистина, денес технологијата овозможува, ако сакаме, да запреме некој филмски фрагмент, подоцна да нѐ почека на ТВ-екранот, за да го догледаме кога ќе се вратиме од гости или кога гостите ќе си заминат од кај нас. Но разликата од запрената страница во книгата, што во прездивот бара можност подлабоко да се доживее впечатокот, во динамичната масовна природа на филмот за време на гледањето нема време за индивидуални каприци на консументот. Ќе го догледа филмот (или, ако не му се допаѓа, ќе излезе од салата, или ќе го замени ТВ-каналот), па потоа може со страст да дискутира и да прераскажува.

Од друга страна, огромно е влијанието што филмот го врши врз современата литература. Освен тоа што не мал број современи писатели се надеваат дека некоја од нивните творби ќе се адаптира во сценарио на гледан филм за да се заработат пари и слава прекуноќ, за кои во нивната професија може само да сонува, духот и техниката на седмата уметност се длабоко навлезени во книжевното раскажувачко ткиво.

(продолжува)