Приватните истории на јунаците во расказите на Туфан се одвиваат во перманентна животна напрегнатост, во која тие волно или неволно упаѓаат. Некои од нив, понесени од тврдоглавата амбиција да се извлечат од сиромаштијата на преживувањето, често со зголемени дози лудост и талент, се судираат со тврдата суровост на животот со трагични последици, како Бурата Џемал, чие застрелано тело е пронајдено на периферијата на велеградот или, пак, Џесур, лудо вљубен во жена што го изневерува со генералниот директор. Или за исто така несреќно вљубениот, не многу привлечниот раскажувач на бајки Мехмет Али, кој умира млад. Или за долгокосиот накитен танчар Рауф, кој сонува за Америка, им се додворува на американски туристки во Султанахмет, а знае на англиски да каже само: „How are you?“ и „What is your name?“.
Некогаш, меѓу болните, често трагични завршетоци, некои приказни на Туфан се насочуваат кон смешната страна на битисувањето како во случајот на начитаниот, завршен студент по филозофија. кој мора да работи како продавач на текстил. Или за несмасниот, збунет „јунак“ вљубен во Ханде, спонтана девојка, која со природност ја спасува врската. Наративната јадрина на Туфановите раскази, умешноста да ги оживува карактерите на неговите ликови, ги чини податливи за филмска адаптација во кадри сродни на оние на Јилмаз Ердоган или Нури Џејлан. Иако не сум го прашал авторот дали познавањето на отфрленото истанбулско маало има поддршка во неговото лично животно искуство, сигурен сум дека тој свет длабоко го населил неговиот писателски интерес.
За разлика од приказните на Туфан, се чини дека кратките прози на Станишиќ немаат ни намера да бидат раскази. Пишувани се како цртички, фрагменти за некои идни сценарија. Како што вели авторот, „ги пишував во еден здив, помеѓу неколку никотински вдишувања“. Може да се каже дека овие кратки цртички личат на хаибуни во обидот преку опсервација на вистински ликови или сцени, тие да се вкотват во проза. Олеснителна, едновремено поттикнувачка компонента во тој преод од глетката во пишување е што Станишиќ живее во истото маало, Гола Гузица, со три балкони на својата куќа што овозможуваат „стратегиски поглед на повеќе улици и една прометна продавничка, која работи 24/7“ и под кои дефилираат жителите на маалото.
Да заклучам: прозните збирки „Не ме давај ним“ на Тарик Туфан и „Скиселени тикви“ на Саша Станишиќ се освежувања за читателскиот хоризонт со нивниот проникнувачки интерес за отфрлените градски микрокосмоси, за шареноликата урбана периферија кога маргинализираните судбини стануваат книжевно моќни и важни. И затоа што се добро раскажани, будат силна емпатија кај читателите.
Читајќи ги книгите ми се враќаа голем број спомени од детството поврзани со Пајко Маало, каде што дедо ми Павле имаше куќа. За разлика од маалата на Туфан и на Станишиќ, Пајко Маало беше „пофино“, вистински во градскиот центар според мерилата на скопските жители. Но лавиринтните сокаци, капиџиците низ кои минувавме од еден двор во друг, прозорците од кои се ѕиркаше комшилукот, искрениот меѓусебен интерес на маалската заедница проткаен со откачени, чудни приказни што моето детско уво ги примаше со нескриена возбуда – тоа останува за цел живот!